Рубрика: Автомобилска техника
Фордовиот концепт eWheelDrive
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 18.10.2013 - 10:48

Во моментов фирмата "Форд" е на бета-ниво на тестирање на електричното возило изработено на платформата на Фиеста, кое има електромотори интегрирани во бандажот на задните тркала. Се работи за познат концепт уште од самите почетоци на производството на електрични автомобили (Фердинанд Порше, 1900 година). Предностите од овој концепт се јасни, а тоа е што каросеријата е ослободена од дополнителни тежини од електромоторите, и дизајнерите имаат одврзани раце да ја дизајнираат исклучиво посветувајќи се на потребите на патниците.
Моторот е со маса од 45 kg и е доволно компактен за да го собере во 16-цолен бандаж (вкупна маса 53 kg). Значајно е што сите компоненти потребни за економично и сигурно возење се сместени во електромоторот. Тоа се компонентите за погон, забавување, кочница и систем за водено ладење, како и управувачката електроника. Максималната краткотрајна силина е 2x40 kW, а трајниот режим на погон е 2x33 kW, што е еквивалентно на 110 односно на 90 KS соодветно. Вкупниот вртежен момент е 700 Nm. Работниот напон изнесува од 360 до 420 V.
Вака конципираниот електричен погон овозможува да се дизајнира возило кое би било супериорно во градските услови на превоз. Возилото може да е мало, но доволно комотно за патниците и за нивниот багаж. Покрај тоа, сите тркала можат да се завртат за 90 степени, со што се овозможува сигурно и едноставно странично приближување на автомобилот кон тротоарот, т.е. безбедно и лесно паркирање, и тоа "на прва". Исто така, многу е значајно што моментите на тркалата се испорачуваат одвоено (селективна испорака на вртежниот момент), со што е отворен патот за нивно прецизно дозирање и контрола во зависност од режимот на возење. Со ова се овозможува добра стабилност и проодност на автомобилот, како и лесна, т.е. евтина (електронска) имплементација на системите за активна безбедност како што е системот за корекција на движењето, стабилност во свијок, управливост и др. Со еден збор, овозможена е одлична возна динамика. И покрај наголемената маса на подвижните делови од подвозјето (задните тркала), сепак тестирањата покажаа дека удобноста и сигурноста при возењето се речиси на исто ниво како и кај конвенционалната Фиеста.
Оваа концепција на погон многу ветува, но времето ќе каже дали помасовно ќе биде имплементирана во автомобилите на електричен погон.

Клучни зборови: