Microsoft Македонија и министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, имаа информативната средба со цел да бидат предложени современи модели кои се применливи во образовните процеси во училиштата. Предмет на средбата беше и изнаоѓањето конкретни предлози за проширување на нивната употреба и применливост во наставата во нашата земја.
На состанокот беа презентирани неколку образовни иновативни проекти и платформи на Microsoft, кои се дел од широката интернационална платформа на Microsoft партнери во учењето.
Станува збор за тригодишната успешна соработка со Microsoft, кој се докажа како сериозен партнер и двигател на промени со веќе светски признати иновативни практики.
На сесијата беше претставена апликацијата OneNote, како единствен и лесен начин да се развијат и да се организираат наставните активности, како и бесплатната и отворена платформа Office365, како виртуелен работен модел кој е корисен за македонското образование, со можности за заштеда.
На оваа средба, наставници и професори од основните и средните училишта во Република Македонија ги презентираа и проектите со кои преку образовни видеа и други содржини се олеснува процесот на наобразба на учениците, со апел да се градат капацитети, да се збогатат дигиталните образовни ресурси преку соработка со високообразовни институции и со институционалната поддршка од МОН и МИОА.
Како што појасни менаџерот на академските програми на Microsoft за Македонија и Косово, Влора Адеми, сите овие проектни активности се со цел за унапредување на квалитетот на образованието, способностите и вештините на 21 век и за ефикасно користење на ИКТ како основа за развој на конкурентно информатичко општество.
Генералниот директор на Microsoft, Стефан Плавјански, напомена дека во време на економска криза владите мора да наоѓаат креативни пристапи како да ги стимулираат своите економии, а инвестирањето во ИКТ е еден од најдобрите начини за да се поттикне економскиот развој и да се зголеми конкурентноста на работната сила со креирање работни места. Microsoft им помага на земјите низ целиот свет да ги постигнат овие важни цели.
Министерот Ивановски од своја страна напомена дека Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за образование и наука настојуваат да преземат конкретни чекори почнувајќи од законски измени, како и заеднички активности, со цел за подобрување и унапредување на образовните процеси во сферата на ИКТ. Ова информација и други идни планови на оваа тема, министерот ќе ги сподели со останатите наставници на следниот онајлн-вебинар во организација на Microsoft.