Ако Facebook, Google , PinIt, Instagram, Redit, Twitter и сличните социјални мрежи се премногу "мејнстрим" за вас, верниот љубител на добрата капка (читај пивото) тогаш сигурно ќе ве израдува релативно новата социјална мрежа наречена Untappd.
Оваа социјална мрежа ги третира луѓето како пива. Ова ви овозможува да ги "следите" за да видите во која кафеана го служат вашето омилено пиво или пивото што отсекогаш сте сакале да го вкусите. Слично како и кај Твитер, ако има доволен број луѓе кои пијат некој вид пиво, името и типот на пивото се појавува како Trending.
Како и сите други социјални мрежи, така и Untappd нуди соодветна апликација за вашиот паметен телефон, која бесплатно можете да ја преземете од Play, iTunes, Windows Phone или BlackBerry World.
Освен коментарите во реално време, апликацијата ќе ви овозможи и да водите сметка за тоа колку сте испиле, како вистински сладокусец да го оцените пивото што сте го пиеле и да го овековечите настанот со фотографија што потоа ќе ја објавите. Сите овие податоци потоа ќе можете да ги споделите со вашите пријатели. Со вкусувањето на различни пива и посетата на различни кафеани и ресторани, фестивали или какви било други места каде што се нуди чашка добро пиво, ќе бидете во можност да заработите и по некој беџ.
Мрежата нуди можност да ја поврзете вашата сметка со оние на Facebook, Twitter и Foursquare со што ќе бидете во можност таму да ги истакнете и тешко заработените беџови на Untappd.
Инаку, Untappd е наменета само за лица постари од 18 години, како што впрочем и пишува на пристапниот формулар. За пристапување отидете на https://untappd.com/