Рубрика: Биологија
Бананата има чудесни својства
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 02.10.2013 - 11:08

Бананата е достапна во текот на целата година и на голем број луѓе им е омилено овошје. Постојат дури 300 видови банани, од кои само 20 се одгледуваат за продажба. Иако билката е изразито висока, не спаѓа во фамилијата стебла, односно дрвја!? Што сè содржи бананата, просто е неверојатно. Како да се потрудила природата на сиромашните жители во некои африкански земји да им подари многу нешта спакувани во бананата: и храна и лек. Човекот и додал уште едно својство: со генетско инженерство создадени се банани кои служат и како вакцина! Бананата треба да ја консумираат особено ученици и студенти бидејќи калиумот од бананата го поттикнува работењето на мозокот и го олеснува учењето и помнењето.

Бананите содржат високо ниво на калиум, минерал кој е неопходен за правилно работење на мускулите. Одличен извор е на растителни влакна, а содржи малку заситени маснотии. Таа е еден од ретките видови овошје што содржи цел комплекс од витамини Б, од кои во најголема мера тијамин, рибофлавин, нијацин и фолна киселина. Во споредба со јаболкото, бананата има дури 4 пати повеќе белковини, 2 пати повеќе јаглени хидрати, 3 пати повеќе фосфор, 5 пати повеќе витамин А и железо и 2 пати повеќе од останатите витамини и минерали. Исто така, бананата содржи бакар, манган, селен и цинк. Поради сите овие својства, бананата е и храна и лек. Така, таа освенšшто е вкусна за јадење, спречува да се појават и низа разни болести. Научниците се сложуваат дека секојдневното консумирање банана може да го намали ризикот од настанување на срцев удар дури за 40%. Исто така, бананата е одличен извор на железо, кое е многу важно за правилно производство на хемоглобин и многу ензими што се особено важни за формирање на црвените крвни зрнца, па затоа е еден вид лек за анемија.
Неодамна извршеното истражување покажало дека 2 банани дневно можат значајно да го намалат нивото на крвниот притисок. Ова е секако поевтин и повкусен начин на контролирање на нивото на крвниот притисок.
Научниците утврдиле дека студентите што јадат една банана за појадок, меѓу оброк и по ручекот имаат изразито поголемо ниво на концентрација. Калиумот од бананата го поттикнува работењето на мозокот и го олеснува учењето и помнењето.
Бананата може да ги врати функциите на дигестивниот систем во рамнотежа, бидејќи повлекува голема количина на вода, и со тоа ја регулира работата на цревата.
Јаглените хидрати од бананата брзо го подигаат нивото на енергија. Голем број професионални спортисти меѓу паузите јадат банани бидејќи тие се лесно сварливи и брзо дејствуваат како енергетски стимулатор.
Бананите ја неутрализираат и киселината во желудникот. Ако страдате од горуштица, изедете една банана за да го ублажите тоа непријатно чувство. Бананата им помага и на болните кои имаат чир на желудникот, бидејќи ја неутрализира желудочната киселина и создава затитен слој на желудникот, а со тоа ја намалува болката. Во некои земји каде успеваат бананите, чир на желудникот и гастритис се лечат со каша од брашно од банана!
Намалувањето на калиумот може да предизвика грчеви во мускулите, особено ако работите вежби со високо ниво на интензитет. Затоа, ако вежбате секојдневно, редовно јадете банана. Така ќе ја зголемите енергијата, но и ќе ги елиминирате грчевите во мускулите.
Бананата го намалува и стресот. Кога сме под стрес, нашиот метаболизам се забрзува, се забрзува и отчукувањето на срцето, а се намалува нивото на калиум. Бананата го враќа нивото на калиум во рамнотежа и ги регулира отчукувањата на срцето.
Со генетско инженерство е создадена банана-вакцина! Интересен е податокот што кога ќе се вбризга вирус во бананата, тој многу брзо станува составен дел на билката. Како расте билката, неговите клетки произведуваат протеин ист како вирусот, но тој не е заразен за луѓето. Кога луѓето ќе каснат од оваа банана која го содржи вирусот во големи количини, нивниот имунолошки систем почнува да произведува антитела за борба против болеста, исто како што тоа го прави кога ќе прими вакцина. Особено е интересно за сиромашните африкански земји.

И на крајот се поставува прашањето какви банани се најдобри за консумирање. Истражувачите велат дека најдобро е да се јадат бананите кога се зрели. Тогаш имаат најмало ниво јаглени хидрати, а и на системот за варење му треба помалку време за да ги разгради отколку кога не се зрели.

Клучни зборови: