Познатиот добавувач на делови и системи за автомобилските брендови во светот, "Валео", отвори конкурс за иновации којшто се однесуваат на автомобилот на иднината. Младите инженери и студенти од целиот свет ќе имаат можност за креирање иновативни системи или производи што ќе го направат автомобилот на иднината (до 2030 година) многу поинтелигентен, поиновативен и посмел. Решенијата треба да бидат оригинални, храбри и револуционерни – примерни за автомобилите на иднината. Се разбира, потребно е да се во духот на стратешката определба на "Валео", а тоа се иновации кои го креираат автомобилот на иднината и иновации кои се во функција на намалување на емисиите на CO2.
Тимовите треба да се состојат од два до пет члена, а својата иновација ќе треба да ја претстават на англиски јазик. Потесниот избор (втор круг) ќе се состои од 20 тима коишто ќе имаат обврска да ја изработат својата иновација како реален производ или, ако е софтвер (програма), да го изработат софтверот и да ја овозможат неговата симулација. За оваа намена ќе имаат на располагање буџет од 5 000 евра за секој тим. Потоа, во третиот круг одат три финалисти кои ќе му претстават својата иновација на жирито што ќе биде составено од експерти во "Валео" и стручни лица од надворешни партнери, а ќе се одржи на Париското мото шоу во 2014 година. Победничката екипа ќе добие парична награда од 100 000 евра.
Ова е одлична можност за младите инженери и студенти од техничките науки во Македонија да се пријават и да учествуваат со своја иновација на конкурсот. За повеќе, види на https://valeoinnovationchallenge.valeo.com/