Овој викенд, на 21 и 22 септември, ќе се одржи едукативно предавање на тема NTC-систем на учење – Како успешно да се развива IQ кај децата низ игра. Предавањата се со почеток од 11 часот во хотел "Центар" (Олимписки базен), а предавач ќе биде авторот на NTC-системот на учење, д-р Ранко Рајовиќ, претседател на одборот за талентирани на МЕНСА International. Со NTC-системот се зголемува интелектуалниот потенцијал кај детето, со што се развива брзината на размислување и заклучување – т.н. функционално знаење.
NTC (Никола Тесла центар) системот за учење е специјализирана образовна програма, која се базира врз сознанијата од неврофизиологија и педагогија, а дизајнирана е за работа со деца од предучилишна и училишна возраст. Програмата има за цел да го поддржи и да го одржи развојот на биолошкиот потенцијал на детето, поттикнување на мисловните активности, развој на интелектуалните и креативните способности, интелигенција и креативно размислување на секое дете. Дополнителна вредност на програмата е тоа што овозможува идентификација на талентираните деца и забрзување на нивниот развој.
Автор на програмата е д-р Ранко Рајовиќ, лекар-специјалист, роден во 1964 година, основач на МЕНСА Југославија (денеска Србија) и оддел за талентирани NTC (Никола Тесла центар), член е на бордот на директори на МЕНСА International и претседател на Комитетот на МЕНСА International за талентирани деца.
"- NTC системот за учење ќе одговори на прашањето како да се стимулира големиот потенцијал на нашите деца пред да тргнат на училиште, односно во клучниот период за развој на важни центри на мозокот. Програмата во центарот ја става одговорноста на родителите, кои не се свесни дека со (не) дозволувањето одредени активности, го попречуваат правилното развивање на нивните деца. Примери има многу, родителите им забрануваат на децата да скокаат, да се вртат во круг или, на пример, им го олеснуваат облекувањето обувки купувајќи ги токму тие без врвки. Мозокот се развива во движење – 3 до 4 часа седење е еднакво на 40 000 движења помалку! Децата имаат инстиктивна потреба да се движат, а нашата улога е да не ги спречиме во тоа, туку да им дозволиме, но обезбедувајќи им сигурно и стимулативно опкружување“ – вели д-р Рајовиќ.
Семинарот ќе им овозможи на родителите, наставниците, професорите, воспитувачите и на другите стручни соработници, практична примена на програмата во работата со деца, збогатувајќи ја секојдневната работа со елементи кои го спречуваат нарушувањето на вниманието, а воедно развиваат брзина на размислување и заклучување.
NTC-системот на учење се применува во 14 земји низ целиот свет, а сега и Македонија ја има таа чест да биде дел од оваа глобална програма.
Повеќе информации на http://ntc.mk/