Рубрика: Астрономија и астронаутика
Каналот "Reull Vallis"
Автор: Андреја Бабамов
Објавено на 12.07.2013 - 11:32

Оваа фотографија е направена со камерата со висока резолуција (High Resolution Stereo Camera - HRSC), која ја носи леталото Марс Експрес (мисија на ЕСА), и го покажува регионот Reull Vallis на јужната хемисфера на Марс. Координатите на фотографијата се околу 42 степени јужна географска должина и 102 степени источна географска ширина. Фотографијата е направена со резолуција од 21 метар на пиксел, при 451-та орбита на Марс Експрес во мај 2004.
Reull Vallis е канал кој се протега во должина од 1 500 километри, преку Promethei Terra во насока на Hellas Basin. Тој е најголем проточен канал во регионот со ширина од скоро 20 километри и длабочина од 1 800 метри. Големата еродираност на теренот и промените во структурата на теренот околу каналот сугерираат на комплексна еволуција во минатото. На оваа фотографија, Reull Vallis се протега од исток кон северозапад и е поврзан со притока на јужната страна - Teviot Vallis.
Јасни паралелни линии се видливи во каналот, најверојатно предизвикани од лизгање на скршени делови од карпи помешани со мраз (како што се лизгаат глечерите на Земјата). Малите депресии, кои се наоѓаат во каналот, најверојатно се создадени од топење на мразот. Бројните ударни кратери, кои се наоѓаат низ долината, се пополнети со материјалот од овие карпи и мраз. Јасни докази за ова можат да се препознаат и од 15 километри широкиот кратер на запад (долниот дел од фотографијата).
Може да се направи јасна морфолошка разлика помеѓу големиот дел на еродирани кратери на југозапад и деловите од долината на североисток. Оваа разлика е во тоа што многу постарите кратери, поради различните климатски услови во минатото, значително ја промениле својата форма, додека релативно новите кратери ја задржале својата јасна морфологија.