Рубрика: Омнибус
Лубеница
Автор: Ирена Кацеска
Објавено на 08.07.2013 - 17:48

Со доаѓањето на летото доаѓа и новата сезона на овошје. Не постои овошје кое во летните денови ја гаси жедта подобро од лубеницата. Иако за лубеницата се вели дека е овошје, таа всушност претставува зеленчук. Лубеницата може да биде долгнавеста или во кружен облик. Таа има дебела и зелена кора која може да биде пегава или на пругава. Ова овошје може да се најде во супермаркетите во текот на целата година, но најдобро е тоа да се јаде во текот на летото бидејќи тогаш содржи најмногу хранливи материи. Лубеницата е одличен извор на витамин Ц, витамин А, калиум и магнезиум, содржи многу вода, а има само 30 калории на 100 г.

Лековити својства на лубеницата
Лубеницата не е само вкусно, туку и здраво овошје.Таа содржи активни состојки кои ги олеснуваат воспалителните состојби, и антиоксиданси кои нè штитат од слободните радикали.
Лубеницата е одличен диуретик бидејќи ја стимулира работата на бубрезите. Го зголемува создавањето на урина, која доведува до отстранување на токсините од телото.
За лицата со ниско либидо, лубеницата е совршено овошје. Всушност, лубеницата содржи фитохемикалија, цитрулин, која има својство на релаксација на крвните садови со што влијае на либидото. Во 120 грама лубеница се наоѓаат дури 150 милиграми цитрулин.
Исто така, лубеницата е богат извор на важни хранливи состојки за здравјето на срцето, како што се витамините А, Ц и Б6. Содржи калиум и магнезиум, два минерала кои се познати по тоа што помагаат во регулирањето на крвниот притисок. Лубеницата е одличен извор на витамин Б1 – витамин вклучен во производство на енергија.
Семките на лубеницата не сеšштетни – токму спротивно. Тие се богат извор на магнезиум, фосфор, калиум и други минерали. Во азиската медицина, семките на лубеницата се користат за чистење на бубрезите и за други медицински цели.

Чистење на организмот со лубеница
Ако сакате да ја искористите сезоната на лубеница и притоа да го исчистите вашето тело, направете еднодневна детоксикација со лубеница. Наутро и навечер испијте чаша пробиотски јогурт, а остатокот од денот јадете само лубеница. Не е одредено колку лубеница смеете да изедете – тоа зависи од вас. Ако сакате, во текот на денот може да изедете и до 5 килограми лубеница. Без оглед на тоа што лубеницата содржи 92% вода, во текот на чистењето во секој случај треба да се пие вода. Следниот ден започнете го со овошје, а неколку часа потоа можете да изедете варен зеленчук или лесна супа.
Чистењето на телото со лубеница е здраво и не е напорно за организмот. Оваа чистење може да се направи двапати месечно во текот на летото.

Чај направен од семки од лубеница
Едгар Кејси препорачува чај од семки од лубеница за луѓето кои имаат камења во бубрезите. Овој чај, исто така, ја стимулира работата на бубрезите.
За да се подготви чај, потребна е една лажица семки од лубеница, кои претходно треба да се сомелат или да се исецкаат. Семките се прелеваат со пола литар врела вода и се остава чајот да се излади. Потоа чајот се процедува и веднаш се пие. Ако е можно, секогаш се подготвува свеж чај. Пијте чај трипати неделно, а можете да го пиете неколку пати на ден.

Лубеница за тенка линија
Како и сите овошја, и лубеницата ви помага при слабеење и при одржување на саканата телесна тежина. Лубеницата содри малку калории – само 30 калории на 100 грама. Поради високата содржина на вода, го намалува апетитот и има освежувачки ефект. Сепак, лубеница има висок гликемиски индекс. Ако страдате од дијабетес, јадете лубеница со другите видови овошја со низок гликемиски индекс.

Интересно
Сенатот на Оклахома на 17 април 2007 година ја прогласил лубеницата за официјално државно овошје, со некои полемики дали воопшто лубеницата е овошје.
Во Кина семките од лубеница се пржат и се служат како грицки.
Секој дел од лубеницата е за јадење, па дури и кората.
И покрај широкоприфатеното мислење, нема потреба лубеницата да се држи во фрижидер за да ги зачува својот вкус, боја и арома. Но, сепак ако лубеницата се пресече, најдобро е да се стави во фрижидер и да се јаде што е можно поскоро.