Рубрика: Биологија
Откриен нов начин на прехрана кај алгите
Автор: Ирена Кацеска
Објавено на 05.07.2013 - 15:31

Алгите, како и растенијата, произведуваат храна преку процесот, наречен фотосинтеза. Со помош на вода, јаглерод диоксид и сончева енергија создаваат шеќер и кислород. Бидејќи самите за себе произведуваат храна, се нарекуваат автотрофни организми. Сепак, живиот свет е полн со исклучоци, па така и научниците откриле дека како еден вид алги во неповолни услови се однесуваат токму спротивно од оваа дефиниција и почнуваат да се хранат со целулоза.
Фотосинтезата претставува примарен извор на енергија за растенијата и алгите. Еден помал дел од растенијата се преориентирал кон паразитски начин на живот, но генерално повеќето од нас размислувајќи за прехраната на растенијата или алгите, во главата имаме слика на зелен лист, клетки, хлорофил итн. Сепак, научниците откриле дека зелената алга Chlamydomonas reinhardtii, која во нормални услови функционира на познат начин, при недостаток на јаглерод во животната средина, почнува да ја разградува целулозата на други растенија или алги.
Целулозата е полисахарид што ги гради клеточните ѕидови, главно несварлива, т.е. може да ја разградат само некои бактерии и праживотни. Тревопасните животни живеат во симбиоза со таквите бактерии и на тој начин ја разградуваат целулозата, бидејќи самите не произведуваат ензим неопходен за разградување. Откритието дека една алга може да ја разгради целулозата фрла сосема нова светлина врз начинот на исхрана на автотрофните организми.
Научниците до ова откритие дошле така што малата зелена алга ја растеле во средина со ниско ниво на јаглерод диоксид и набљудувале на кој начин се справува со недостатокот на јаглерод од кој, во нормални услови, произведуваат храна сами за себе. Соочени со недостиг од храна, алгите преминувале кон алтернативен начин на прехрана. Почнале да произведуваат ензими за разградување на целулозата која ја пронашле кај соседните алги или растенија. Со помош на ензимите долгите синџири на целулоза се трансформираат во помали шеќери кои потоа ги транспортираат во клетката и ги претвораат во извор на енергија со помош на која алгите може да растат и да се развиваат.
Овој начин на исхрана за првпат е пронајден кај алгите и научниците сега се обидуваат да утврдат дали и другите видови алги користат ваков механизам за производство на храна во случај на недостаток од јаглерод во животната средина.