Компанијата Ериксон, денес 3.07.2013 вo Скопје, го претстави својот 20-годишен извештај во кој се сумирани сите напори и достигнувања на глобалните иницијативи во доменот на одржливиот развој, кои ја користат поврзаноста и поврзливоста како средство за достигнување на социо-економски цели, како и позитивното влијание на животната средина.
Антонио Пасарела, директор за продажба во Србија, Црна Гора, Македонија и Албанија, истакна дека многу предизвици во светот, како што се урбанизацијата, климатските промени и сиромаштијата, може да имаат полза од решенијата кои се засноваат на мобилната комуникација. Долги години, Ериксон е вклучен во глобалните ИКТ иницијативи во доменот на одржливиот развој, а главниот извршен директор на компанијата, Ханс Вестберг е еден од водечките членови на Broadband комисијата за дигитален развој во која директно ја води групата која се занимава со климатските промени.
"Наша цел е мобилните комуникации да ги направиме попристапни, како и да дадеме позитивни примери како технологијата може да ја намали емисијата на штетни гасови, да овозможи подобра едукација и да помогне во различни хуманитарни предизвици“, објаснува Пасарела.
Компанијата Ериксон, во 2009 година, изработи петгодишен план врз чија основа треба да се намали еколошкиот отпад за 40 проценти. Оваа цел е исполнета уште во четвртата година, пред сè, благодарение на систематските унапредувања на комплетното портфолио на компанијата, како и зголемувањето на енергетската ефикасност на уредите.
Во Извештајот, исто така, се наоѓаат резултатите од проектот Technology for Good на Ериксон, преку кој компанијата работи на решавање на хуманитарни проблеми во светот. Преку Connect to Learn иницијативата, досега, се изградени повеќе од 30 училишта во руралните краеви на Бразил и Гана, додека 185 000 бегалци се регистрирани на мобилната платформа Refugees United.
Комплетниот извештај е достапен на www.ericsson.com/sustainability