Mакедонски студенти со престижно признание од НАСА
Студентите Никола Петков, Стефана Филипова и Филип Спасовски од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), како учесници на глобалниот натпревар Space App Challenge во организација на НАСА, се стекнаа со признанието "топ 3 најдобри во класата" за нивната апликација чијашто цел е подобрување на перформансите и функционалноста на "ArduSat|" сателитот.
"За нас ова е огромно искуство. Имавме можност да реализираме сопствени идеи и да ја изразиме нашата креативност на еден поинаков начин. Победата на локално ниво не мотивираше да го усовршиме проектот и да конкурираме на глобално ниво. NASA Space Apps Challenge овозможи да застанеме, рамо до рамо, со другите земји од светот и да ги претставуваме нашиот факултет и држават" - Филип Спасовски, член на тимот.
Со помош на оваа апликација македонските студенти од ФЕИТ успеаја да реализираат сензор за детекција на поставеноста на сателитот во однос на хоризонтот, сензор за откривање на позицијата на Сонцето и алгоритам за одредување на магнетното поле на Земјата.
Во текот на април 2013 година, во Македонија (како една од 83 локации во светот) во рамки на Seavus едукативниот и развоен центар, се одржа дводневниот НАСА настан на која 60-тина програмери, инженери, научници, студенти, експерти, професори и ентузијасти од Македонија и светот, работеа на различни предизвици за изнаоѓање хардверски и софтверски корисни решенија за глобалните потреби на Земјата и вселената. Групата студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии беше избрана за најдобра екипа во Република Македонија.
По оваа локална победа, тимот на студенти од ФЕИТ се натпреваруваше на глобалниот NASA Space App Challenge натпревар, во конкуренција на повеќе од 80 тимови од светот.
"За ФЕИТ исклучително е важно да пронајде независен механизам за проверка на квалитетот на студентите. Натпреварите како NASA Space Apps Challenge, каде учествуваат натпреварувачи од најголемите светски индустриски сили, недвосмислено го потврдуваат местото на ФЕИТ на македонската образовна мапа, но и во светски рамки. Затоа, како факултет, сме многу горди на успехот, а треба да биде горда и целата држава", - доц. д-р Горан Стојановски, професор на ФЕИТ.
ArduSat (Arduino – сателитот) претставува прва отворена платформа која дозволува обичните луѓе да создаваат и извршуваат апликација поврзана со вселенски истражувања. Всушност, тој претставува малечок сателит, со димензии на коцка со страна од 10 сантиметри, тежок околу еден килограм и во него се сместени околу 25 сензори. Некои идеи за апликации кои можат да се имплементираат на овој сателит се апликација за следење на метеори, апликација за добивање слики од сателитот, апликација за мапирање на магнетното поле на земјата и слично.
Подетални информации за проектот може да најдете на: http://spaceappschallenge.org/project/ardusat2earth/
Апликацијата може да ја погледнете на: http://ardusat2earth.scienceontheweb.net