Робертовиот Квартет (Robert's Quartet) е семејство од четири сосема различни галаксии, лоцирани на растојание од 160 милиони светлински години од Земјата, блиску до центарот на јужното соѕвездие Феникс (Phoenix). Неговите членови се NGC 87, NGC 88, NGC 89 и NGC 92, откриени од Џон Хершел (John Herschel) во 1830 година.
NGC 87 (горе десно на сликата) спаѓа во групата на неправилни галаксии, слична на сателитиските галаксии на Млечниот Пат - Магелановите Облаци. NGC 88 (во центарот на сликата) претставува спирална галаксија за која е карактеристична надворешната дифузна обвивка, која најверојатно е составена од гас. NGC 89 (подолу на средината на сликата) е уште една спирална галаксија со два огромни спирални краци. Најголемиот член на овој систем, NGC 92 (лево), е спирална галаксија од тип Sa, која има невообичаен изглед. Еден од нејзините краци, долг околу 100 000 светлински години (кој во себе содржи огромно количество галактичка прашина), е изобличен од меѓусебните заемни дејства помеѓу галаксиите.
Овој квартет претставува еден од најдобрите примери за густо населени, компактни групи на галаксии. Бидејќи ваквите групи содржат од четири до осум галаксии сместени во релативно многу мал регион, тие претставуваат одлични лаборатории за испитување на меѓусебните заемни дејства помеѓу галаксиите и ефектите кои произлегуваат од нив, особено на формирањето на ѕвездите.
Благодарејќи на податоците добиени од ESO, астрономите беа во можност да ги проучат особините на регионите на активно ѕвездено формирање кај членовите на Робертовиот Квартет. Тие открија повеќе од 200 такви региони во NGC 92, со големини помеѓу 500 и 1500 светлински години. За NGC 87 се детектирани 56 активни региони, додека останатите две галаксии изгледа како да имаат многу помалку вакви региони. За NGC 88, сепак, астрономите открија некакви карактеристични облачни структури, додека NGC 89 прикажува прстен на напредна ѕвездена активност. Според ова, овој систем дефинитивно покажува засилена активност на ѕвездено формирање, најверојатно како резултат на интеракциите помеѓу неговите членови. Овие сестрински галаксии очигледно се дел од едно вознемирено семејство.