Рубрика: Медицина
Вода од амбалажа наспроти филтрирана вода од чешма
Автор: Ирена Кацеска
Објавено на 29.05.2013 - 17:34

Постојат голем број анализи кои потврдуваат дека водата од чешма е побезбедна за пиење отколку амбалажираната вода. Во суштина, некои природни минерални води содржат повисоко ниво на минерали од препорачаното за одредени групи луѓе, на пример бебиња и мали деца. Освен последици по здравјето на луѓето, амбалажираната вода има негативен ефект и врз животната средина. Кај амбалажираната вода загрижува и опасноста од хемикалиите кои се користат при изработката на пластичните шишиња, а 80 проценти од пластичните шишиња се за една употреба и не можат повторно да се наполнат. Пластичните шишиња што нема да стигнат до местата за рециклирање завршуваат како пластично ѓубре за чие распаѓање ќе бидат потребни повеќе од 100 години.
Водата од филтерските системи со реверзна осмоза не содржи минерали, патогени микроорганизми или какви било други хемиски или бактериолошки загадувања. Квалитетот на водата е до 10 пати подобар од амбалажираната, затоа што е свежа и не се чува во пластика. Филтерот за вода со реверзна осмоза го подобрува квалитетот на водата за пиење, и со тоа директно го подобрува здравјето. Отстранува: хлор, бигор, азбест, ураниум, железо, олово, бакар, жива и други тешки загадувачи кои можат трајно да го нарушат вашето здравје. Доколку имате желба, може чистата вода да се збогати со најнеопходните минерали како натриум, калциум и магнезиум, избалансирани во идеален сооднос, кои пријатно дејствуваат врз организмот и го подобруваат вкусот на водата.
Водата од филтерот има можност да ги активира водните молекули во телото, го зголемува нивото на кислород во крвта, ги загрева и ги елиминира маснотиите, хемикалиите и отровите. Го елиминира останатиот отпад од телото, а воедно ја намалува и киселоста во телото. Ја подобрува функционалноста на нервниот систем. Зголемениот контакт со здрава вода води кон подобрување на дигестијата, апсорпцијата на храната, хидратацијата на кожата, детоксификација, односно подобрување на здравјето во секој аспект.
Ако денес сте имале можност да се напиете барем една чаша пивка вода, сметајте се за среќни. Според Светскиот совет за вода, 1 од 6 луѓе на планетата Земја нема пристап до вода за пиење, а тоа значи 1,1 милијарда луѓе се жедни и таа бројка постојано расте.
Загадената вода секојдневно убива 6000 деца. Бројот на жители на Земјата забрзано се зголемува, потребите за вода уште побрзо, а нејзиното количество не се менува. До 2025 година, две третини од населението ќе почувствуваат сериозен недостиг од вода. Процените на стручните лица велат дека околу 1,1 милијарда немаат пристап до вода за пиење, а 2,5 милијарди немаат обезбедени елементарни санитарни услови. Шест илјади деца помлади од 5 години секој ден умираат од болести предизвикани од загадена вода, а повеќе од 5 милиони луѓе годишно, што е 10 пати повеќе отколку бројот на загинати во сите војни годишно во светот.