Рубрика: Аудио и видеотехника
Аудиотехника – професија, страст и уметност
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 17.05.2013 - 18:39

Денес во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии беше отворена изложбата "Аудиотехника – професија, страст и уметност". Изложбата има за цел да ја популаризира аудиотехниката кај нас.
Почетно обраќање до присутните имаше деканот на ФЕИТ д-р Миле Станковски. Во него тој ја нагласи улогата на ФЕИТ како еден од стожерите на техничките науки во Македонија. Аудиотехниката, како една од овие области, се негува на овој факултет уште од неговото основање, а Институтот за електроника уште од шеесеттите години на минатиот век ги покрива основите зад градбата на речиси сите уреди во аудиотехниката, од ерата на електронските цевки, преку ерата на биполарните транзистори, па сè до дигиталните аудиосистеми.
Свое обраќање до студентите на ФЕИТ и другите гости, имаше и Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов, инаку пасиониран аудиофил и вљубеник во музиката и аудиотехниката. Изложбата меѓу другото содржи и експонати отстапени од Претседателот на Република Македонија. Се работи за засилувачи коишто тој самиот ги има изработено, но и старински радиоприемници коишто ги има репарирано и реставрирано, како и стари аудиофилски звучници.
Во склоп на изложбата може да се видат повеќе старински радиоприемници (Космај 49, Јастребац 154, RR230, TESLA 53C, Specialsuper 53 SH830GW итн) кои датираат од почетокот на педесеттите години па се до средината на шеесеттите на минатиот век; неколку легендарни, барем за овие простори, модели на грамофони (His Master's Voice No4, TOSCA Hi-Fi GM6600, но и пренослив грамофон на Филипс од '55 година); аудиостолб Маранц од 80-тите години; засилувачи (Technics new A class, Hi-Fi 160) итн., коишто за оваа изложба ги отстапија нивните сопственици
Емитер зеде активно учество на изложбата со експонатите High-End предзасилувач со ECC83 (проект на Емилијан Иљоски и Славко Стојковски) и Тенок звучник за на ѕид Picasso (проект на Владимир Филевски и Сашо Ицковски), а фирмата Аудиоексперт на нашиот соработник Владимир Филевски се претстави со звучникот 99redBaloons.
Сите изложени експонати се одликуваат со различна аудио, уметничка и раритетна вредност и даваат слика за развојот на аудиотехниката во минатото и денес.
Поопширна репортажа следува во новиот број на ЕМИТЕР