Постои едно место во нашето тело кое, според разновидноста на микроорганизмите, научниците го споредуваат со тропските дождовни шуми. Без сомневање во темелноста кога се туширате, дали можете да се сетите на место од вашето тело, кое можеби не го измивате толку ревносно? Да, тоа е папокот.
Научниците од Универзитетот во Северна Каролина (САД) земале брисеви од содржината на папокот на 60 волонтери. Без оглед на тоа колку темелно се измива, тоа е единственото место на телото кое понекогаш може да биде запоставено. Поради ова, научниците одлучиле да испитаат што сè може да се најде во човечкиот папок.
Тие откриле џунгла, односно нема подобар збор за да се опишат резултатите. Во 60 брисеви биле пронајдени 2368 видови бактерии, од кои околу 1458 биле нови за науката. Просечниот број на бактерии кои биле пронајдени во примероците изнесувал 67, примерокот со најмалку бактерии имал само 29 видови, додека најбогатиот примерок содржел дури 107 различни видови бактерии.
Од огромниот број видови бактерии, уште повеќе интересни се видовите што се пронајдени. Имено, 92% од сите типови бактерии се пронајдени во помалку од 10% од мострите, всушност повеќето од нив се појавуваат само кај еден пациент. На пример, еден волонтер во својот папок имал бактерија која претходно е пронајдена само на тлото на Јапонија, иако тој никогашšво животот не ја посетил таа земја. Друг поединец, кој не се миел неколку години, во својот папок имал два типа екстремофилни бактерии, кои вообичаено живеат во поларни предели и во близина на термални извори.
Иако ниту еден тип бактерија не се појавил во сите примероци, осум биле присутни во повеќе од 70% од примероците, и тоа обично во големи количини. Токму поради тоа научниците папокот го споредуваат со дождовните шуми, бидејќи во секоја дождовна шума постојат различни видови дрвја, но сепак, постојат неколку видови кои преовладуваат.
Резултатите добиени од оваа студија, освен што се многу интересни, предизвикале и нови прашања. Затоа научниците сега обработуваат многу нови папоци и наскоро ќе соберат 600 нови примероци. Нивната цел е да се спореди папокот на жителите со животните навики на поединците. Несомнено, овие резултати ќе донесат некои интересни откритија.