На оддалеченост од 68 милиони светлински години, Антена галаксиите се заробени во смртоносен танц во кој доаѓа до откинување на ѕвездите од своите орбити и расејување на спиралните галактички раце во вселената. За неколку милијарди години од сега, и нашиот дом би можел да изгледа вака по судирот на галаксијата Андромеда со нашата.
Меѓутоа, овој далечен галактички судир, кој е набљудуван преку опсерваторијата Спицер (Spitzer Space Telescope), не носи смрт, туку креира нов живот. Низ темната бура од прав која го затскрива јадрото на Антена галаксиите е откриена една цела нова популација на новосоздадени ѕвезди.
Антена галаксиите се класичен пример за процес на соединување на галаксии. Овие две спирални галаксии започнале да "паѓаат" една кон друга околу еден заеднички центар на гравитација пред околу 800 милиони години. Истовремено, со одвивањето на нивниот судар се предизвикани облаци од гас кои се компресираат низ еден процес за кој се претпоставува дека предизвикува раѓање на новите ѕвезди. Астрономите веруваат дека на крајот овие две галаксии ќе се соединат во една галаксија, не оставајќи многу податоци за нивното различно минато.
Галактичките соединувања се вообичаени низ вселената и играат клучна улога во одредувањето на начинот на кој галаксиите еволуираат. Така, на пример, може со голема веројатност да се предвиди дека нашата галаксија, Млечниот Пат, ќе заврши во судар со нашиот најблизок сосед, галаксијата Андромеда.