Рубрика: Омнибус
Избрани петте партнери за иновации на Т-брендот за 2013 година
Автор: Сашко Таневски
Објавено на 19.04.2013 - 23:49

Денеска беа објавени петте избрани идеи на конкурсот „Партнер за иновации”, организиран од страна на Македонски Телеком АД – Скопје и Т-Мобиле Македонија. Наградата за петте избрани проекти, кои ќе се реализираат во 2013 година е во вредност од 100 000 евра, а дополнително на располагање ќе бидат ставени сите ресурси на Т-брендот во Македонија, вклучувајќи ги експертските тимови и целокупната инфраструктура и корисничка база на двете компании.
Петте партнер-проекти се: "T-Care" (виртуелна средина базирана на вештачка интелигенција), "МаркетКонект" (веб-платформа за онлајн-трговија), "Smart Wine" (M2M cloud решение за интелигентно следење на земјоделските параметри), "CollaboDox" (систем за соработка меѓу различни платформи) и "Cloud Message" (систем за мобилно споделување пораки и рекламирање).
"Иновациите се клучот за успех и одржливост на пазарот, а стратегијата на Телеком групацијата не е само да развива и да нуди сопствени иновации, туку исто така успешно да ги интегрира иновациите од надворешни партнери. Убеден сум дека заедно можеме да ги понудиме најдобрите иновативни комуникациски решенија за поврзан живот и работа", изјави Тило Куш, главен извршен директор на Македонски телеком АД – Скопје.
Конкурсот започна на 12 декември 2012 и траеше до 15 февруари годинава, а за време на овој период се пријавија 78 иновативни идеи од страна на поединци и компании во Македонија. Конечниот избор на петте концепти што најуспешно ги следеа поставените критериуми, како и стратешките определби и планови на компанијата, го направи експертска жири-комисија составена од двете компании.
На конкурсот можеа да учествуваат сите заинтересирани, а целта беше да се инспирира и да се развие мрежата на иноватори, кои со своите сјајни идеи можат да придонесат за развој на е-општеството и за збогатување и подобрување на секојдневието на македонските граѓани. Следен чекор е развивање и имплементација на петте најдобри проекти.
"Нашата мисија е да го инспирираме целокупниот бизнис сектор во Македонија, затоа што тоа значи унапредување на македонската економија воопшто. Вистински предизвик беше да се изберат само пет решенија од многуте пристигнати. Учесниците со своите сјајни идеи го потврдија фактот дека во Македонија има мрежа на иноватори која може да нè промовира и во меѓународни рамки, изјави Жарко Луковски, главниот извршен директор на Т-Мобиле Македонија.
Процесот на иновација не завршува овде, но продолжува и понатаму. Македонски Телеком и Т-Мобиле, како лидери во иновациите на македонскиот пазар, секогаш оставаат простор за нови идеи и предлози, кои заедно можат да создадат една вистинската светска иновација. Сите заинтересирани можат да ги достават своите предлози на innovationpartner@telekom.mk.