Рубрика: Електроника
Уникатен часовник со 28 светлечки диоди
Автор: Слободан Таневски
Објавено на 19.04.2013 - 12:33

Сите оние електроничари кои ги посетувале форумите и веб-страниците поврзани со електрониката сигурно се сретнале со ваков часовник со 28 LED диоди (28 LED Clock). Но, сите линкови обично водат само до електричната шема на тој часовник и кратко објаснување за самоградба. Нема ниту слика ниту видео од готовиот часовник. Проблемот е во тоа што тој часовник е реализиран со осум бројачи од кои 6 се со по 16 пинови, а 2 од нив со по 14 пинови, што плочката ја прават голема и тешка за дизајнирање. Дополнителен проблем е тоа што кај таа шема електронското "клатно" е добиено од мрежна фреквенција од 60Hz, како што е во САД и во некои други земји, а не 50Hz како што е кај нас и во Европа. Можеби овие се причините што тој интересен часовник не се појавува како готов уред изработен од некој електроничар.
Затоа ние во ЕМИТЕР на еден редакциски состанок заклучивме дека би било добро оваа идеја да се искористи, а електричната шема потполно да се редизајнира со цел да се добие поедноставна, помала плочка со помалку елементи, и со тоа овој уред да го направиме погоден за самоградба во аматерските работилници на нашите читатели. Нашиот соработник Кирил Крстевски го прифати предизвикот и ја дотурка идејата до крај, а резултатот е овој, според нас, интересен и уникатен часовник. Уредот е реализиран со популарниот и евтин микроконтролер PIC16F84A, едно логичко интегрирано коло и дузина транзистори – компоненти достапни дури и во скромно снабдените продавници за електронски компоненти.
Во следниот (априлски) број на ЕМИТЕР ќе објавиме напис со сите шеми, цртежи и упатства за изработка на овој уникатен часовник, кој добро ќе се вклопи во вашата работилница или стан и ќе предизвикува интерес кај вашите пријатели... а вие, нели, ќе си добиете можност да си поприкажете нешто во врска со вашето хоби :-).

Клучни зборови: