Рубрика: Биологија
Зошто плачеме?
Автор: Ирена Кацеска
Објавено на 10.04.2013 - 12:14

Плачењето е различно доживување за секој човек. Некои луѓе може да се разнежнат и од најмали нешта, а други, пак, се ладни како камен дури и во најтажните ситуации. Сте се запрашале ли зошто плачеме, зошто некои тврдат дека плачењето е корисно или кој плаче повеќе – мажите или жените?
Плачењето е прва форма на комуникација. За време на првите месеци од животот, бебињата не испуштаат емоционални солзи. Тие плачат затоа што тоа е единствениот начин на кој можат да покажат дека се беспомошни и дека им е потребна грижа од некого.
Плачењето е израз на силна емоција. Преку солзите луѓето ги искажуваат најсилните емоции, без разлика дали се добри или лоши. Плачењето може да биде предизвикано од тага, болка, лутина, но и од среќа или возбуда.
Плачењето е начин да се добие нешто. Некои луѓе плачат за да привлечат внимание кон себе. Други, пак, плачат за да го постигнат она што го сакаат. Истражувањето на Тексашкиот универзитет во Арлингтон покажало дека жените што плачат за време на расправија со својот партнер имаат поголеми шанси да го решат конфликтот. Од друга страна, во расправиите во кои жената не плаче, конфликтот најчесто ескалира.
Плачењето ги продлабочува врските меѓу луѓето. Луѓето имаат потреба да добиваат поддршка од другите. Гореспоменатото истражување покажало дека откако ќе изгледаат видео во кое е прикажана друга жена што плаче, жените започнуваат да чувствуваат емоционална блискост со таа жена.
Очите произведуваат различни солзи. Постојат три вида:
• Постојани или базални солзи. Се создаваат за да ја зачуваат влажноста на очите. Со секое трепкање, очните капаци разнесуваат солзи насекаде врз очите.
• Рефлексни солзи. Се создаваат како реакција на иритација или поради присуство на туѓо тело.
• Емоционални солзи. Се произведуваат како резултат на различни емоции – тага, болка, среќа, лутина, фрустрација и сл.
Научниците го анализирале составот на различните солзи и донеле заклучок дека емоционалните солзи имаат различен состав од солзите предизвикани поради иритација или заради лубрикација. Емоционалните солзи содржат ензими, имуноглобини и протеини какви што не се среќаваат во другите видови солзи.
Постои теорија дека плачењето е начин за ослободување од токсините што ги создаваат хормоните на стресот, па поради тоа се смета дека е корисно за здравјето.
Кој плаче повеќе? На ова прашање секој без двоумење ќе одговори дека жените повеќе плачат од мажите. Додека не започнат да одат на училиште, момчињата и девојчињата плачат подеднакво често. Но, како што поминува времето, момчињата започнуваат да плачат поретко. Сè уште не се знае дали тоа е предизвикано од притисокот на општеството кон момчињата да ги кријат своите солзи или поради хормоните во пубертетот што ги прават девојчињата посклони кон ронење солзи.
Жените, во просек, плачат 64 пати годишно, а мажите 17 пати. Ако прашате некој маж кога последен пат плачел пред некого, ќе му биде потребно многу време пред да се сети. За жените тоа не важи.
Научниците веруваат дека една од причините што жените плачат почесто е хормонот пролактин, чие ниво се зголемува во женското тело за време на пубертетот, при менструација, бременост и при доење. Жените имаат 60% повеќе пролактин во своето тело од мажите.