Рубрика: Омнибус
Тајните на сончогледот
Автор: Ирена Кацеска
Објавено на 09.04.2013 - 13:47

Семките од сончоглед се дојдени, во Европа од Америка во 16 век, кога покрај зејтинот станале неопходна состојка во кујната. Меѓутоа, се покажале и како многу корисни за здравјето.
Како одличен извор на витамин Е семките играат многу важна улога во превенцијата од кардиоваскуларни болести. Така може да се добијат повеќе од деведесет проценти од дневната вредност на витаминот Е во само една четвртина чаша семки од сончоглед.
Витаминот Е остварува значајни антивоспалителни ефекти, што резултира во намалување на симптомите на астма, артритис и општите услови кои создаваат слободни радикали. Исто така се покажало дека го намалува ризикот од рак на дебелото црево, рак на мочниот меур и проста, а исхраната која содржи витамин Е остварува значајни ефекти и за кожата.
Семките од сончоглед претставуваат одличен извор на селен и со самото тоа овозможуваат превенција од рак. Студиите покажуваат силна поврзаност меѓу ракот и ограничениот внес на селен во исхраната, а од друга страна селенот ја стимулира поправката на ДНК и синтезата во оштетените клетки и го спречува ширењето на клетките заболени од рак.
Сончогледовото семе е богато и со магнезиум, познат по тоа што ги смирува нервите, и сончогледовите семки ќе делуваат смирувачки кога сме напнати. Дополнително претставува извор и на триптофан, аминокиселина која помага да се произведува серотонин, невротрансмитер кој ја олеснува напнатоста и смирува.
Семките од сончоглед содржат бакар, кој е од суштинско значење во создавањето колаген и еластин.
Една студија, објавена во 2005 година во списанието на Американската асоцијација за дијанетика, покажува дека консумирањето сончогледово масло може да го намали нивото на лошиот (ЛДЛ) холестерол и на тој начин да го заштити срцето.
Сончогледот поради присуството на витаминот Е и керамидот претставува важна состојка во природната козметика. Вредно е да се спомене и рецептот на украинскиот доктор Карачи, според кој жабуркањето сончогледово масло во устата може да одигра значајна улога во чистење на организмот.
Затоа, свртете се кон Сонцето и користете ги предностите на сончогледот, бидејќи тој секогаш е свртен кон вас.