Аполинарис Патера (Apollinaris Patera) е стар вулкан на Марс, висок околу 5 километри, а се наоѓа северозападно од кратерот Гусев. Има димензии од 180 х 280 km. Неговиот кратер (или т.н. калдера) е со дијаметар од околу 80 km и длабочина до 1 km. Токму тој дел од вулканот е прикажан на оваа фотографија.
Западниот регион на вулканот (горе на фотографијата) се карактеризира со посветол материјал, кој како да е распореден во неколку слоеви. Се претпоставува дека тоа е резултат на долготрајна седиментација на материјалот. Дел од регионот на оваа фотографија е препокриен со тенок слој на дифузни облаци со бледобела боја. Помалите кратери, кои се гледаат во и околу вулканот, се создадени при удар на други тела.
Фотографијата ја изработи стереокамерата со висока резолуција (High Resolution Stereo Camera - HRSC) на вселенското летало Марс Експрес (Mars Express), при комплетирање на 987-та орбита околу Црвената планета.