Рубрика: Математика
14. март – Денот на Пи
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 14.03.2013 - 18:45

Денот на Пи (π) претставува ден кога се одбележува најпознатата математичка константа. Откаде токму овој ден, четиринаесеттиот мартовски ден е избран за ова чествување? Одоворот лежи токму во начинот на кој американците ги бележат датумите, најнапред месецот, па потоа денот, па така 14.3. која-и-да-е година станува 3.14. која-и-да-е година. Последниов сплет од бројки ви се чини познат, нели?

 

Да, токму така, 3.14 = π, барем кога константата ја кратиме на две децимали ;) Првото официјално одбележвање на овој празник е направено во сега далечната 1988 година во научниот музеј во Сан Франциско (San Francisco Exploratorium), каде работел физичарот Лери Шо кој е првиот организатор на овој настан. Прославата се состоела меѓу другото во јадење на овошни пити, имено пита, на англиски pie се изговара исто како и π – пај.☺

Во 2010 година денот беше одбележан и од Google со соодветна, во нивен стил, стилизирана верзија на логото познато како Google Doodle. Денот уште не е доцна да го одбележите и во чест на π да се почестите со парче американска пита, или пак, да го погледнете "Животот на Пи" или, ако се чувствувате школски расположени, да дискутирате со пријателите за значењето на овој број во науката и животот, воопшто.

Како куриозитет на Википедија велат дека еден од најпрестижните технички универзитети МИТ (Massachusetts Institute of Technology) токму на овој ден ги испраќа писмата со кои ги изавестува идните студенти за позитивниот исход на нивната апликација, а да не заборавиме дека токму на овој датум е роден и Алберт Ајнштајн, во 1879 година. Покрај ова постои и ден кој ја одбележува апроксимацијата на π, а тоа е 22 јули, што се должи на тоа што датумот, овојпат испишан по европски стандарди, алудира на дропката 22/7 (22/7 ≈ 3,14) од која потекнува π.

Клучни зборови: