Најголемата студија некогаш спроведена на интернет, објавена во списанието Неврон, покажала дека стандардните тестови за интелигенција даваат многу погрешни резултати, односно не можат точно да ги претстават вкупните когнитивни способности на испитаниците.
Во истражувањето на Универзитетот Western, во кое биле вклучени повеќе од 100 000 учесници, тимот од волонтери побарал да се пополнат 12 когнитивни тестови за меморија, размислување, внимание и за способности за планирање, како и прашалник за животните навики. Водителот на проектот Adrian M.Oven од Институтот Western's Brain and Mind рекол дека одѕивот бил неверојатен и додал дека очекувал само неколку стотини учесници, но се вклучиле илјадници и илјадници луѓе од сите возрасти, култури и верувања од сите делови на светот.
Резултатите покажале дека, кога станува збор за когнитивните способности, варијациите во успехот може да се објаснат со помош на најмалку три различни компоненти, кои се речиси независни една од друга: краткорочната меморија, размислувањето и вербалните способности. Ниту една компонента сама за себе, вклучувајќи ја и интелигенцијата, односно IQ, не може да биде сигурен показател за вкупните когнитивни способности. Покрај тоа, истражувачите со користење на магнетна резонанца покажале дека различни когнитивни способности произлегуваат од различни делови на мозокот.
Големиот број учесници им овозможиле на експертите да соберат цело богатство од нови информации за тоа како возраста, полот и склоноста кон компјутерски игри влијаат на функцијата на мозокот. Oven смета дека редовните вежби на мозокот не ги зголемуваат когнитивните способности, а староста негативно влијае и на меморијата и на способноста за размислување. Неговиот соработник Adam Hempshire, истакнал дека компјутерските игри значајно ги подобруваат размислувањето и краткотрајното памтење.