Рубрика: Медицина
Како да го намалите ризикот од деменција и алцхајмерова болест?
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 01.03.2013 - 12:09

Не ви се добри очилата, имате проблем со кожата и стапалата, честа хронична инфекција на синусите, знаци на артритис, проблеми со мочниот меур, проблеми со варењето, и сето тоа го сметате за секојдневна вообичаена ситница. Канадска студија открила дека секој игнориран проблем го зголемува ризикот од деменција и Алцхајмерова болест за 3%, а 8-12 занемарени мали здравствени проблеми го зголемуваат за 24% до 36%, што, мора да признаете, не е воопшто малку!
Факт е дека сè уште не е пронајден лек за деменција и за Алцхајмеровата болест, но сторете нешто за тој и да не ви треба или, ако мора – да ви затребаšшто подоцна во животот.
- Јадете јаткасти плодови, салати, овошје, риба, земајте омега 3, Б12, Е и Ц витамини, фолна киселина, шетајте...
- Избегнувајте заситени масти, масно сирење, кашкавал, сувомеснати производи, црвено месо, не седете постојано пред телевизор и не лежете преку цел ден...
- Истражувачите велат дека со правилна исхрана ризикот од деменција и Алцхајмерова болест ќе го намалите за 38%. Ако на ова додадете 30 минути физичка активност, тој ќе се намали за 60%!
- Регулирајте ги холестеролот, крвниот притисок и шеќерот во крвта, било со исхрана или со лекови. Сите три им се закануваат на вашите артерии низ кои доаѓа крв богата со кислород до вашите органи, но и до мозочните клетки. Нивното игнорирање го зголемува ризикот од деменција до 46%.
- Уживајте во вториот филџан кафе. Два поголеми филџани кафе дневно, или три до четири помали, може да го намалат ризикот за 67%. Зошто? Нешто во кафето помага умот и концентрацијата да бидат подобри, но тоа сè уште не е сосема утврдено.
- Ако сè уште пушите, престанете или намалете ги цигарите на минимум. Пушењето е најзаслужно за појава на Алцхајмеровата болест. Две кутии на ден го зголемуваат ризикот за 157%. Ако сте се обиделе, но не сте успеале да се откажете, обидете се пак. Истражувањата покажуваат дека во просек треба да се обидете седум пати, за конечно да се откажете!
- Мозокот е 60% масти, пола од тоа се од типот омега-3 масни киселини. На луѓе со благ пад на меморијата, мозокот им станувал три години помлад кога земале 900 милиграма дневно омега 3 во текот на само шест месеци.
- Умерено пиење алкохол (една чаша на ден за жени, две за мажи) го šштити мозокот. Ако сте забележале благо опаѓање на когнитивните способности (подзаборавате, забавено размислувате) време е да наздравите, но никако не претерувајте бидејќи ќе постигнете спротивен ефект. Ако место две испиете четири чаши пијалаци, ризикот се зголемува за двапати!
Од деменција и Алцхајмерова болест во Европа страдаат 8,5 милиони луѓе, а во светот повеќе од 35 милиони. Експертите предупредуваат дека бројот на дементни луѓе до 2030. година ќе биде 66 милиони, а до 2050. ќе стане 115 милиони.