Рубрика: Телекомуникации
Наскоро во светот ќе има повеќе мобилни телефони отколку луѓе
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 18.02.2013 - 12:16

Според прогнозата на компанијата "Ериксон", до крајот на 2013 година бројот на корисници на мобилни врски ќе достигне 7,5 милијарди, со што ќе биде надминат бројот на жители на Планетата од 7 милијарди, според ОН, додека пак до 2018 година бројот на вакви корисници ќе изнесува 9,3 милијарди!
Телефонскиот сообраќај со мобилни врски во 2012 година се удвоил, благодарение на популарноста на мобилниот интернет, иако обемот на говорниот сообраќај не се зголемил. Процентот на смартфони во светската продажба на мобилни телефони пораснал на 40 %, односно за 10% во однос на 2011. Се очекува обемот на информации што ќе се пренесуваат преку мобилни уреди во периодот од 2012 до 2018 да порасне за 12 пати, сметаат аналитичарите на "Ериксон".
– Мобилната врска стана многу важен дел наšнашиот секојдневен живот,телефоните секогаш ни се при рака – за да добиеме некоја информација, за разонода, разговор и за друго. Се чини дека луѓето од сите возрасти станаа зависни од мобилните телефони, – изјавил потпретседателот и директор за стратегија во компанијата "Ериксон", Даглас Џилстреп (Daglas Jilstrep).
Според процената на "Ериксон", на крајот од 2012 година во светот бројот на сопственици на смартфони изнесувал 1,1 милијарда, наспроти 750 милиони во 2011, а нивниот број до 2018, ќе се зголеми на околу 3,3 милијарди.
Западна Европа и Северна Америка до 2018 година во потполност ќе преминат на смартфони, но на Блискиот исток, во Африка и Југоисточна Азија, бројот на "паметни телефони" ќе изнесува само 30 % од вкупниот број.
Во 2012 година највеќе нови претплатници се забележани во Кина – 40 милиони, или 35 % од вкупниот светски број. Бразил е на второто место со девет милиони, Индонезија на трето (7 милиони), а Филипини на четврто место (5 милиони).
Преносот на податоци ќе расте исто како што ќе се шири мобилната технологија од четвртата генерација (4Г).
До средината на 2012 година, пристап на мрежите 4Г имале 455 милиони луѓе во светот, а во следните 5 години ќе има половина од населението на планетата, сметаат од "Ериксон".