Рубрика: Астрономија и астронаутика
Блиска средба на Земјата со астероид на 15 февруари
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 11.02.2013 - 14:20

Помали "камења" од космосот секојдневно паѓаат на Земјата, па така Земјата перманентно ја зголемува својата маса. Парчиња со големина колку топка за бејзбол секојдневно влегуваат во атмосферата на Земјата каде што, поради нивната огромна брзина, се вжештуваат до таа мера, па или наполно испаруваат, или се распаднуваат во прав, кој паѓа на површината на Земјата. Поголеми грамади многу поретко ја погодуваат Земјата, но тие можат да и нанесат извесна штета. На пример, астероиди со големина од околу 100 m пречник не се распаѓаат целосно во атмосферата, туку дел од нив досегнува до тлото на Земјата. Ако таков астероид падне во океан продуцира огромни бранови познати како "цунами", кои нанесуваат големи штети на крајбрежните објекти. За среќа, астероиди со таква големина на Земјата паѓаат ретко, просечно на илјада години по еден.
Деновиве астрономите откриле дека еден астероид, нумериран под број 2012DA14, со димензии од околу 50 m во пречник, се приближува кон Земјата, и пресметале дека ќе ја заобиколи на 15 февруари, по траекторија многу блиска до Земјата, или поточно кажано, по траекторија што ќе влезе внатре во т.н. геосинхрона орбита, на која орбитираат геостационарните сателити. Да објасниме, геосинхроната орбита лежи на 42 000 km од центарот на Земјата, односно на 36 000 km над нејзината површина. Вештачки сателит лансиран во таа орбита ја обиколува Земјата за точно 24 часа, т.е. за исто време, колку што е времето на една Земјина ротација околу нејзината оска, па ако таа орбита е во рамнина со екваторот на Земјата, сателитот ќе изгледа фиксиран на една иста локација, па затоа е наречен "геостационарен" сателит.
На сликата дадена во прилог е прикажан графички приказ на траекторијата по која астероидот 2012DA14 ќе помине околу Земјата на 15 февруари, меѓутоа не стравувајте, заклучокот на астрономите е дека оваа многу блиска средба, сепак, ќе биде безопасна за Земјата.