За разни пригоди се подаруваат разни подароци, од книги до накит. Секој според можностите и вкусовите. Ако сакате да подарите накит од злато, знајте дека златото не е најскапиот метал, има и поскап. Тоа е родиумот, кој се смета за најскап метал на светот.
Родиум е хемиски елемент кој во периодниот систем на елементите го носи симболот Rh, а атомскиот (редниот) број му е 45. Името го добил од грчкиот збор rhodon, што значи роза. Родиумот е метал кој и припаѓа на групата платинести метали. Го открил во 1803, година во рудата на платина, англискиот хемичар W. H. Wollaston. Слично како и платината, има сребренобела боја. Се користи во легури со платина како катализатор. Родиумот е најскап скапоцен метал, кој достигнува вредност до 8 пати поголема од вредноста на златото. Во моментов не е така поради Светската економска криза, но родиумот сепак е највреден метал бидејќи многу ретко го има во природата, дури 1000 пати е поредок од златото.
Инаку, родиумот е тврд и отпорен метал со висока точка на топење од 1964 °C и точка на вриење од 3695 °C.
Најважната примена на родиумот е во легури со платина и паладиум, на кои им ја зголемува цврстината. Овие легури се користат за цевки за производство на оптички влакна, за електроди во свеќички за авиони и во лабораториски реактори. Многу е важна неговата примена и како катализатор (елемент кој го забрзува или забавува хемискиот процес се вика катализатор) во голем број индустриски процеси. Заедно со платината и паладиумот се користи и како катализатор во мотори со внатрешно согорување. Во индустријата за накит се користи за електролитско прекривање на накит од сребро и бело злато. Постои уште еден многу интересен податок: во 1979 година, познатиот британски музичар Пол Макартни добил родиумска плоча, наместо платинеста, за рекордно компонирање, и за најпродаван изведувач/текстописец на сите времиња!