Да се послужам со зборовите на Мел Брукс од "Смешна страна на историјата": Добро е да се биде програмер! Или беше крал...?. Како и да е, ако програмирањето ви оди од рака и сметате дека сте подобри од повеќето во вашата струка или хоби, еве ви згодна шанса да заработите 10000 американски долари. Имено, годишниот хакерски куп-натпревар на Фејсбук ја нуди оваа награда на редовниот годишен предизвик.
Хакерскиот куп на Фејсбук (Facebook Hacker Cup) е годишен натпревар на светско ниво каде што хакерите меѓусебно се натпреваруваат во решавање алгоритми за да освојат сериозни парични награди. Натпреварот ќе се одржи во две рунди. Првата рунда претставува прелиминарна онлајн квалификација, по која најдобрите 25 натпреварувачи ќе бидат сместени во седиштето на Фејсбук во Калифорнија, САД, каде ќе се одржи вториот дел од натпреварот.
Прелиминарната квалификациска рунда е закажана за периодот од 25-ти јануари до 16-ти февруари, а финалето во седиштето на Фејсбук е планирано за 22-ри и 23-ти март оваа година.
Доколку сте заинтересирани, регистрацијата трае од 7-ми, па сè до 27-ми јануари на https://www.facebook.com/hackercup
Инаку минатата година овој натпревар привлече 8000 учесници од вкупно 150 земји.