Рубрика: Психологија
Зошто се ежиме и трепериме кога сме уплашени?
Автор: Ирена Кацеска
Објавено на 15.01.2013 - 12:33

Време е на хорор филмови и страшни костими. Ноќта на вештерките многумина ја користат за плашење на себе си и на оние околу себе, но дали некогаш сте се запрашале зошто се ежиме и трепериме од страв?
Тоа е од истата причина од која и мачките се накострешуваат кога се чувствуваат загрозено. "Општо правило е да се обидеш да изгледаш што поголем кога си нападнат", смета Дејвид Хјурон, музиколог од Универзитетот во Охајо. Луѓето немаат толку влакна како мачките, но наежувањето е остаток од времето кога сме биле влакнести.
Накострешувањето започнало како реакција на студ. Кога влакното стои исправено, тоа го фаќа изолацискиот слој на воздухот околу телото. Но, во еден момент, пред неколку милиони години, некои од нашите предци биле исплашени од можни напаѓачи, и наежувањето полека е втемелено како корисен одбранбен механизам. Потеклото на оваа физиолошка реакција објаснува зошто стравот е поврзан со студот.
Накострешувањето првенствено имало врска со температурата, а потоа со стравот, но сè уште може да ни поминат морници по телото кога ќе се исплашиме. Високите очекувања можат исто така да предизвикаат морници. А тремор може да се појави кога чувствуваме некој вид изненадување или интензивни емоции, дури и во музиката, кога доаѓа до промена во јачината на звукот или во моментот кога пејачот почнува да пее. "Луѓето обично чувствуваат морници на тонските делови кои се тажни", смета Џек Панксеп, неуролог од Универзитетот во Вашингтон. Тој, исто така, има претпоставка дека одредени тонови во музиката имитираат "човечки крик на одвоеност", и треморот произлегува од перцепцијата за загуба на некој близок. Ист момент во иста песна може некому да предизвика константен тремор бидејќи реакцијата се противи на навикнувањето. Мозокот може да поднесе илјадници лажни аларми за да нè заштити од еден момент кога алармот е стварен.
Кога знаеме дека не сме во опасност, на пример, кога гледаме хорор филм, тие лажни тревоги може да ни причинуваат задоволство. Еден дел од мозокот ни кажува: "О, Боже ќе умрам", но свесниот дел ни кажува дека сè е во ред. Поради тоа чувствуваме тремор како нешто добро.