Рубрика: Медицина
Загадениот воздух му штети на мозокот
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 04.01.2013 - 11:05

Дека загадениот воздух е штетен за здравјето на луѓето, е општо познато. Притоа секогаш се мисли на влошување на здравјето и на функцијата на дишните патишта и на белите дробови, а ретко кој знае и му е познато дека загадениот воздух го оштетува и мозокот.
Лаура Фонкен и нејзините колеги од Државниот Унивезитет во Охајо, вршеле експеримент врз глувци кои ги изложувале на загаден воздух по шест часа дневно, пет дена во неделата, во текот на десет месеци. Условите, под кои биле изложени глувците во текот на целиот експеримент, одговарале на многу загадени средини во индустриски зони, а резултатите до кои дошле истражувачите го свртуваат вниманието и предупредуваат дека загадениот воздух претставува голема опасност за животот на луѓето што живеат во овие зони, но претставуваат закана и опасност и за животните и растенијата. Кај глувците кои учествувале во експериментот дошло до нарушување на помнењето и учењето, се јавила вознемиреност, па дури и депресија. Резултатите упатуваат на тоа дека загадениот воздух може да предизвика видливи негативни ефекти врз мозокот кои потоа можат да предизвикаат низа здравствени проблеми, вели Лаура Фонкен.
По завршувањето на десетмесечните студии, истражувачите ги сецирале глувците кои учествувале во експериментот и откриле видни промени во нивните мозоци, како што се помал број мозочни набори во деловите на хипоталамусот и општа намалена комплексност на мозочните клетки. Нивниот заклучок е дека истото може да се случи и врз мозокот на луѓето кои живеат и работат во средини каде што воздухот е многу загаден, и тоа не само во индустриските зони туку и во урбаните средини.
И на крајот, како заклучок: ако ништо не можете да сторите за да ги промените условите во кои морате да живеете или да работите, тогаш обидете се да ја искористите секоја можност да се најдете на чист воздух. Шетајте, планинарете, отидете на село ...
Статијата за овој експеримент е објавена во научното списание Molecular Psychiatry.