Рубрика: Медицина
Лечење младешки мозолчиња со наночестички од злато
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 26.12.2012 - 11:24

Постдипломецот на биоинжинеринг Dissaia Pornpattananangkul од Универзитетот во Калифорнија развила "интелигентен" систем на транспорт на лауринска киселина во вид на "бомба", која се внесува директно во бактеријата. Станува збор за лечење младешки мозолчиња што ги предизвикува бактеријата Propionibacterium acnes, која живее во кожата и предизвикува појава на акни – објавено е во списанието ACS Nano.
Acne vulgaris, познати како "младешки" акни, ги имаат околу 40 милиони млади луѓе само во САД. Во моментов лековите што се користат за лечење на оваа болест можат да предизвикаат низа несакани ефекти, како што се црвенило, сува кожа, перутење и друго. Научничката истакнува дека примената на лекови базирани на лауринска киселина со помош на златни наночестички во потполност ќе ги елиминира овие несакани појави.
Новиот "интелигентен" систем претставува нанобомба (липосом) од златни честички и лауринска киселина. Наночестичките од злато не дозволуваат киселината да се разлева на околното ткиво. Исто така, тие и помагаат да ја пронајде бактеријата што ги предизвикува акните врз база на микрокарактеристиките на кожата поврзани со pH-факторот на киселост. Кога нанобомбата ќе дојде до мембраната на бактеријата, киселата pH вредност на кожата ја сопира и ја одвојува наночестичката од злато. Тоа им овозможува на липосомите, наполнети со лауринска киселина, да се слијат во бактеријата, да ја пробијат нејзината мембрана и да ја убијат.
Прецизно контролиран транспорт на лекови, локално, директно применети, може значајно да го подобри лечењето на кожни заболувања, но и на многу други болести. Со транспорт на лекот директно до бактеријата или туморот, значајно ќе се зголеми ефикасноста на лекот со минимизирање на нус-појави и оштетување на здравите клетки.
Постдипломецот Pornpattananangkul го претставила својот научен труд, во кој детално е опишан експерименталниот систем на примена на лекови против акни на Research Expo – годинешната научноистражувачка конференција на Универзитетот во Калифорнија (Jacobs School of Engineering, University of California - San Diego).

Клучни зборови: