Веќе трета година по ред, под покровителство на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов, се реализира проектот "Најдобар млад научник". Преку овој проект се воспостави традиција за избор на најдобар млад научник, за секоја тековна година.
Според претседателот Иванов, инвестицијата во образованието и науката е најдолготрајна и најисплатлива. Со благовремената поддршка на сите млади што се занимаваат со наука и со верификација на нивните постигнувања, инвестираме во иднината и развојот на Република Македонија. Затоа, треба да ги поттикнеме и да ги охрабриме младите научници во нашата земја да ја насочуваат својата креативност и интелигенција кон иновацијата и развојот на нови технологии, смета претседателот Иванов.
Конкурсот за избор на "Најдобар млад научник" за тековната 2012 година е во тек, а краен рок за пријавување е до 31 декември. Проектот ги опфаќа сите млади луѓе до 30 години кои се занимаваат со наука и научни истражувања, и кои во досегашната научна работа имаат постигнато одреден научен резултат. Покрај овој основен критериум, лицето што е кандидат да го понесе епитетот "Најдобар најмлад научник" за тековната година, треба да достави доказ дека исполнува еден или повеќе од наведените дополнителни критериуми, а тоа се:
• добиена меѓународна награда за научно-истражувачка дејност,
• добиено меѓународно признание за научно-истражувачка дејност,
• добиена домашна награда за научно-истражувачка дејност,
• добиено домашно признание за научно-истражувачка дејност,
• објавени резултати од научно истражување во релевантно меѓународно списание,
• објавени резултати од научно истражување во релевантно домашно списание,
• степенот на применливост на резултатите од научното истражување.
Признанието "Најдобар млад научник" прв пат беше доделено од страна на претседателот Иванов во 2010 година, на 28-годишниот магистер Никола Златанов, докторанд на Универзитетот на Британска Колумбија, Канада, додека во 2011 година оваа титула ја понесе д-р Трифче Сандев. Воведувањето на ова признание има за цел да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.