Рубрика: Медицина
Вистини и невистини за бактериите и вирусите
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 14.12.2012 - 11:23

Бактериите и вирусите најчесто ги поврзуваме со настинки и грип. Но не е баш така. Постојат верувања кои се вистинити и обратно.
Прочитајте:

Верување: Штом ќе ни биде подобро, можеме да престанеме со земање антибиотици.
Вистина: Ова е најголемата заблуда која може да доведе до тоа, по некое време, поради стекната отпорност, ниту еден антибиотик да не може да ни помогне. Секој антибиотик потребно е да се зема точно според пропишаното упатство, иако по неколку дена се чувствуваме подобро.

Верување: Антибиотиците помагаат кај настинка и грип.
Вистина: Антибиотиците делуваат само на бактериите. Повеќето настинки, болки во грлото и кашлање се предизвикани од вируси, така што антибиотиците немаат никаков ефект.

Верување: Бактерите и вирусите се отпорни на средствата за миење раце.
Вистина: Овие микроорганизми се уништуваат во потполност со средства за дезинфекција, па затоа хигиената е битна во превенција од болести.

Верување: Температура, ако не е висока, не е опасна
Вистина: Дури и многу малку покачена температура (37,5 °C) е знак дека организмот се бори против некоја инфекција или туѓо тело. Обично, болестите кои се предизвикани од вируси не ги следи толку зголемена температура, какоšшто е случај кај бактериските инфекции.

Верување: Бактериите и вирусите од домашните миленичиња не предизвикуваат болест кај луѓето.
Вистина: Многу заразни болести, и тоа мошне опасни, можеме да ги добиеме од мачки, кучиња, па дури и од папагал. Поради тоа, рацете треба да се мијат и по играње со нив.