Гнездото (Nest) не е обичен термостат. Уредот е дело на истите креативци кои стојат зад изработката на iPod, што многу ја објаснува неговата технолошка напредност. Термостатот, кој се приклучува на домашниот систем за греење/ладење, преку следење на вашите активности самостојно "учи" како најдобро да го загрее вашиот дом за вие да се чувствувате удобно во него. Потоа тој "предвидува" која температура најмногу ќе ви одговара во кој временски период од денот, зависно од вашата рутина. Дизајнерите одат дотаму што тврдат дека уредот ќе ги "сконта" вашите дневни навики до ситница во рок од само една недела.
Термостатот е енергетски ефикасен, а има и вградена Wi-Fi конекција, со што му се овозможува на корисникот да го вклучи или исклучи од која и да е точка на земјината топка преку апликација за неговиот мобилен телефон или таблет. На овој начин се надминуваат ситуациите слични на оние од цртаните филмови за Густав, на кој се сеќаваат постарите генерации, кога ќе се мислите дали нештата сте ги оставиле вклучени или исклучени. Функционирањето на "Гнездото" може едноставно и ефикасно да го проверите преку интернет. Од друга страна, оваа опција за управување на далечина може да ја искористите и во "зли" цели – да ги нервирате домашните со промена на температурата кон потопло лете или поладно во зима ;-)
Цената на термостатот Nest е 250 американски долари, а оние што го користеле велат дека се исплати секој долар потрошен на него бидејќи им помогнал во заштеда на трошоците за греење, барем така стои на www.nest.com – интерет-страницата на производителот, од каде може и да го набавите.