Рубрика: Фототехника
Покана за ФОТОМЕДИА 2012
Автор: Емилијан Иљоски
Објавено на 06.12.2012 - 11:13

В сабота, 8.12.2012 година, во 20 часот, во Мултимедијалниот центар "Мала Станица" се отвора тринаесетото издание на меѓународното биенале на фотографска уметност – Фотомедиа. Според рангирањата на светската фотографската асоцијација – FIAP, последните неколку изданија на каталогот на изложбата постојано се вбројуваат меѓу петнаесетината најдобро оценети во светот. Ова, а и реномето кое го ужива во регионот и пошироко, ја вбројува Фотомедиа во врвните културни настани во нашата средина.
Во времето на секојдневно отворање стотици дигитални изложби во светот, Фотомедиа продолжува со своето бавно биенално темпо, со нагласок на принт-фотографијата, како став кој не трпи компромиси, како став кој има за цел да го афирмира вистинското значење на фотографијата преку нејзината физичка манифестација – принтот кој единствено може да се толкува како краен авторски израз.
Оваа година е и година во која фотоклубот Елема, организатор на Фотомедиа, слави 50 години од своето постоење. Во таа чест, а и во чест на многумина кои придонесоа Елема и Фотомедиа да го добијат сегашниот облик, покрај класичната поставка од овогодишната селекција, Фотомедиа на својата верна и сè побројна публика ќе и понуди и ретроспектива на најдобри фотографии од претходните изданија, како и осврт кон патувачката изложба во чест на педесетгодишнината на фотоклубот, насловена како "Елема Монохроматик".
Поставката "Елема Монохроматик" оваа година имаше чест да биде претставена на словенечката публика во Марибор, како европски град на културата, како и да го отвори фестивалот "Право Људски" во Сараево, БиХ, каде што привлече невидено медиумско внимание и што е најбитно, рекордна посетеност на изложбата.
Се гледаме на Фотомедиа!
Видеопоканата е достапна на: http://www.youtube.com/watch?v=hGRM75Ko91w&feature=plcp.

Клучни зборови: