Луѓето што не ги мијат забите двапати дневно се под зголемен ризик од срцеви заболувања, порачуваат британските експерти од Универзитетскиот колеџ во Лондон. Со тоа добива на сила теоријата од деветнаесетиот век, која ги доведува во врска оралната хигиена и хроничните болести. Британските истражувачи, при испитување на 12 000 шкотски испитаници, дошле до заклучок дека оние кои лошо ја одржувале оралната хигиена биле под 70% поголем ризик од срцеви заболувања од луѓето што ги миеле забите двапати дневно и имале здрави непца.
Раководителот на истражувањето, Ричард Ват истакнува дека воспалителните процеси во организмот, вклучувајќи ги устата и непцата, овозможуваат развој на срцеви болести, бидејќи придонесуваат за запушување и стеснување на крвните садови. Кај луѓето со неправилна орална хигиена, поголем е ризикот од заболувања од дијабетес, смета Ричард Ват.
Тестирањето на крвта на оние испитаници за кои се утврдило дека лошо ја одржуваат оралната хигиена открило присуство на два фактора кои сигнализираат воспалителни процеси во телото – Ц-реактивен протеин и фибриноген. Британскиот тим сепак, нагласува дека пушењето и лошата исхрана се далеку поголеми ризични фактори за срцеви заболувања, отколку запоставување и лоша хигиена на усната шуплина.
Во 19. век една медицинска школа тврдела дека инфекциите во устата предизвикуваат заболувања во целото тело, а нејзините најекстремни поддржувачи прибегнувале дури кон вадење на сите заби на пациентите.