Под страшните вилици на месојадниот американски волк – којотот, всушност се чини дека се крие едно нежно вљубено суштество, кое, ако им веруваме на научниците, е стопроцентно моногамно. Во текот на шест години истражувачите го следеле "љубовното" однесување на двесте триесет и шест којоти кои живеат во и околу градот Чикаго во САД. Тие откриле дека којотите кои живеат во урбаните области им се верни на своите партнери и остануваат доживотно со нив. Истражувањето беше неодамна објавено во Journal of Mamology од страна на Сесилија Хенеси, Жан Диба и Стенли Герт (Cecilia A. Hennessy, Jean Dubach and Stanley D. Gehrt, Long-term pair bonding and genetic evidence for monogamy among urban coyotes (Canis latrans).
Научниците собрале крв и примероци од ткивата на којотите, ставајќи им ремени со радиопредаватели на некои од возрасните животни пред да ги пуштат назад во дивината. Генетската анализа не дала докази за полигамија во рамките на популацијата на којотите, додека последователните истражувања, кои вклучувале следење на нивното движење, покажале дека паровите останувале заедно низ периодот од повеќе сезони за парење.
Истражувањето е во директен судир со некои претходни истражувања кои укажувале на тоа дека и навидум моногамите видови понекогаш вршат прељуба. Досега постоеше мислење дека којотите што живеат во урбаните средини, каде што храната и женките ги има во изобилство, имаат поголеми шанси да ја напуштат својата избраничка. Наместо ова, истражувањето покажа дека сите видови кучиња не се исти, па дури и во поглед на нивното љубовно однесување.