Сте се подготвиле да се сретнете со некој што ви е драг. И само што не сте ја отвориле вратата за да излезете, го слушате гласот на мајка ви: исправи се, гледај како изгледаш. Сте седнале пред комјутерот свиткани како кифла. Пак, гласот на родителите: гледај како седиш. Еден ден ќе сфатиш, но ќе биде доцна. Иако се во право, многу им се лутите. Но, зошто?! Ако училишните клупи и столчиња не се во ред, ако часовите за физичко ви ги заменуваат со математика, ако нема доволно базени за пливање, не е до вас вината и не можете ништо да смените. Но, можете да внимавате на вашето држење на телото и да ги смените вашите лоши навики. Обидете се. Ќе се чувствувате поубаво, но и вашата става ќе изгледа поубаво. Секако, ова не значи дека треба да се обидувате да стоите здрвени и да се чувствувате непријатно. Целта не е да имате здрвено тело како на робот туку да изгледате убаво, здраво и самоуверено.
Еве неколку лесни и едноставни начини како да го постигнете тоа:
Движете се. Доколку поминувате поголем период од денот седејќи, тогаш поголема е веројатноста да се згрбавите поради тоа што мускулите се заморуваат од постојаното седење во иста положба. За да не се случи тоа, потребно е да се движите. Створете навика од време на време да станувате и да се раздвижите. Добро е тоа да го правите на секои 30 минути.
Трудете се ушите, рамената и колковите да бидат во иста линија. Кога седите или стоите, внимавајте на ваквото подредување на деловите од вашето тело. Не навалувајте ја главата нанапред, внимавајте ушите, главата и колковите да ви бидат во иста линија.
"Берете јаболки". Ако немате добро држење, замислете си дека над вас има плодови кои треба да ги наберете. На овој начин автоматски ќе го исправите ’рбетот. Мора да признаете дека овој мал трик навистина функционира. Ако го применувате ова во текот на наредните неколку недели, ќе ви стане навика и значително ќе го подобрите држењето.
Седете на стол кој ќе го потпира ’рбетниот столб. Ова значи дека делот за потпирање на столот треба да има природно закривување кое ќе соодветствува со длабнатината на вашата половина. Во основа, додека седите; ’рбетот треба да се потпира на столчето во пределот од опашката до плеќите.
Избегнувајте ги високите потпетици. Ова се однесува на понежниот пол. Кога нема потреба од тоа, не носете ги. Високите потпетици го менуваат центарот на рамнотежа на телото. Доколку потпетиците се неопходни во одредена пригода, тогаш одберете ги пониските, ако навистина сакате да го подобрите држењето на телото. Со изтражување е утврдено дека 5 sm се сосема во ред, и нема да ви наштетат.
Кога се наведнувате да подигнете нешто од подот, не свиткувајте се во половината. Свиткајте ги колената, држете го ’рбетот исправен и подигнете го предметот. Запомнете: ’рбетот треба во секоја ситуација да ви биде исправен.
Станете свесни за вашето држење. Кога луѓето свесно се обидуваат да го подобрат своето држење, тие може да поминат неколку часа во правилна положба, без да помислат дека треба да се исправат. За да ја зголемите својата свесност за проблемот кој го имате, добро е да имате визуелни потсетници на оние места на кои поминувате поголем дел од времето. На пример, насекаде каде што дозволува просторот ставете огледала. Така, секој пат кога ќе се погледнете ќе се запрашате себе си: "Зошто дозволувам да изгледам вака?"
Бидете самоуверени. Општопознато е дека држењето на телото влијае врз самодовербата и обратно. Колку повеќе верувате во себе, толку подобро ќе биде вашето држење. Самодовербата е навика која се учи, а помага и во другите сфери на животот.