Во понеделникот навечер во галеријата “Blackbox” во Сараево (БиХ) беше отворена изложбата "ЕЛЕМА Monochromatic". Оваа изложба претставува еден дел од долгогодишните остварувања на фотоклубот ЕЛЕМА, кој е основан во далечната 1962 година од група студенти-ентузијасти од тогашниот Електро-машински факултет во Скопје.
Оваа патувачка изложба, која оваа година веќе и беше претставена на словенечката публика во европскиот град на културата – Марибор, јасно ги пренесува погледите во современата фотографија на повеќе генерации автори од ЕЛЕМА, нивните идеи, креативност и длабоката љубов кон монохроматскиот поглед на светот. Тоа е само еден мал, но многу важен сегмент од вкупните активности со кои фото клубот-ЕЛЕМА ги обележува 50-те години од својата творечка дејност, проткаена со трудот на повеќе генерации фотографи кои, на општо изненадување, сè уште заедно творат, изложуваат и се дружат.