На 3-ти ноември Толту го отвори новиот продажен салон за автомобили од марката Great Wall, сместен во ТЦЦ Плаза. По овој повод, ден порано во просториите на хотелот Гранд Плаза, Толту одржа прес-конференција на која ги запозна присутните со брендот Great Wall.
Претставувањето на овој автомобилски бренд го направија Сашко Трпковски, генерален менаџер на Толту, и Звонко Трпковски, бренд менаџер на Great Wall.
По повод отворањето на салонот на присутните им се обрати г. Сашко Трпковски, генерален менаџер на Толту, кој најави: "Ова е објект со кој ќе се обидеме да го приближиме брендот кон нашите клиенти во македонската метропола, по што ќе следат и неколку други преку нашата дилерска мрежа, како во Скопје, така и низ државава, на која исто така интезивно работиме. Заедно со нашиот принципал во блиска иднина подготвуваме уште многу новитети."
"Great Wall тргна силовито во освојување на Европа. Неговите возила се пласираат извонредно на пазарите како што се Велика Британија, Франција, Италија..., кои се водечки на Стариот континент, а благодарение на активностите на Литекс Моторс се повеќе се зајакнува и во регионов." кажа Звонко Трпковски бренд менаџер на Great Wall.
Инаку кинескиот производител на автомобили подолго време е присутен на пазарот, а кај нас се достапни неговите три модели Voleex C10, Steed 5 и Hover 5, но се очекува наскора да се појават и другите три модели наменети за европските пазари.
Како прв од оваа листа на новитети на присутните им беше претставен компактниот кросовер Voleex C20 R. Се работи за мултифункционален градски автомобил со оф-роуд можности, со најсовремена технологија и висок степен на безбедност. Автомобилот инкорпорира и редица спортски елементи карактеристични за СУВ класата, а под неговата хауба се крие VVT бензински мотор со зафатнина од 1,5 литри и моќност од 97 КС.
Вториот новитет кој треба да го очекуваме напролет е Great Wall Hover H6, кој е всушност нова генерација на најпродаваниот модел на азискиот континент. Овој теренец е погонуван од современ дизел-мотор со common rail технологија. Моторот има зафатнина од 2 литри, моќност од 143 КС, максимален вртежен момент од 310 Nm и 6-степен менувач. Hover H6 e со изразени оф-роуд можности. Модерниот надворешен дизајн и пространа и удобна внатрешност го претвораат во практичен SUV. Кај Hover H6 се користат најмодерните технологии за управување, удобност и комодитет, што гарантираат безбедно и удобно возење. Моделот освои 5 ѕвезди на C-NCAP (кинескиот) тест за безбедност, а неговиот квалитет е нагласен со голем број награди, вклучувајќи ја и наградата „Модел на годината за 2012 година во Кина“.
Седанот Great Wall Voleex C30 ќе ги заинтригира сите оние кои бараат нов, просторен и достапен семеен автомобил со богата опрема. Моделот се издвојува со 510 литри багажен простор. Погонот е доверен на целосно алуминиумски VVT бензински мотор со зафатнина 1,5 литри и 97 КС и 5-брзински мануелен менувач. Great Wall Voleex C30 има 5 ѕвезди на C-NCAP тестови за безбедност. Просторот и богатата опрема обезбедуваат целосна удобност, дури и при подолги патувања, а системите за безбедност на автомобилот го чинат задоволство при управувањето поголемо.
Инаку фабриката за овие новитети нуди и петгодишна гаранција или гаранција до 150 000 изминати километри.