Од денес започнува најголемата и најреномираната саемска манифестација која традиционално се одржува секоја есен – Технома 2012. Ова е 38-мо издание на Меѓународниот саем на металургија, електроника, енергетика, неметали, градежништво, обезбедување и заштита, а во негов склоп се одржуваат и 13-тиот Меѓународен саем на занаетчиство и мало стопанство и МАКИНОВА 2012 – 32-та по ред Меѓународна изложба на иновации.
Меѓународниот саем - ТЕХНОМА е важен промотор на развојот на индустриското стопанство во регионот, кој повеќе од три децении го следи напредокот на најновите достигнувања во областа на технологијата и ја интензивира меѓународната размена. Дека оваа саемска манифестација им е потребна на стопанството, говори фактотот што целиот расположив изложбен простор на Скопски саем со површина од 12.000 m2 е ставен во функција, во четири саемски хали, а вкупниот број на претставени фирми е 600 и тоа од: Грција, Словенија, Хрватска, Австрија, Белгија, Бугарија, Италија, Германија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Јапонија, Данска, Холандија, Шведска, Шкотска, Швајцарија, В.Британија, Канада, Шпанија, Република Чешка, Индија, Израел.
Дополнителна вредност и збогатување на овој саем се Саемот за занаетчиство и мало стопанство и изложбата на пронајдоци - Макинова. Изложбата на пронајдоци МАКИНОВА, организирана преку Народна Техника на Македонија и СПАТУМ, оваа година го одбележуваат своето 55-годишно постоење и на саемот Технома ќе го претстават своето досегашно работење. Во програмата на изложување има околу 100 иновации и дизајни од кои 50 се од регионот и 50 трудови од младинското творештво. За време на саемот ќе се одржуваат работилници како и презентирање на кампањата „Добра идеја".
Програмските активности оваа година се насочени кон поврзувањето на малиот бизнис во регионот. Денес после отворањето на саемот ќе се одржи Тркалезна маса на тема "Потенцијалите на занаетчиството за економски развој во регионот", на која ќе се дискутираат можностите и условите за поврзување на компаниите од малиот бизнис, додека на 18.10.2012 Агеницајата за енергетика ќе одржи трибина во насока на заштеда на енергијата кај големите потрошувачи. Саемот официјално се затвора на 20 октомври.
Емитер и оваа година е присутен на саемот ТЕХНОМА, а зема и активно учество во организациониот дел од МАКИНОВА 2012.
Целосен извештај за случувањата ќе може да прочитате во ноемврискиот број на ЕМИТЕР.