Рубрика: Екологија
САД и глобалното климатско затоплување
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 12.10.2012 - 15:05

За проблемот од глобалното климатско затоплување на Земјата пишувавме повеќепати во ЕМИТЕР. Околу тој проблем климатолозите меѓусебе дури и се испокараа на самитот во Копенхаген, одржан во 2009 год. под покровителство на ООН (ЕМИТЕР бр. 4/11: "Климатските промени ги скараа научниците"). Меѓутоа, дека глобалното климатско затоплување е реалност, денес во тоа се согласни дури 97% од климатолозите.
Во тој контекст САД, инаку светски лидер во загадувањето на атмосферата (втора е Кина), за првпат наметнале норми, кои ја ограничуваат емисијата на јаглероден двооксид (CO2) во своите енергетски постројки. Имено, почнувајќи од 2013 год., нивните идни енергетски постројки со погон на јаглен не ќе смеат да емитуваат повеќе од 454 kg јаглероден двооксид од еден MWh енергија, што претставува половина помалку од количеството кое тие го испуштаат денес! Но, дали оваа мерка воопшто има некое значење, кога се знае дека човекот испушта во атмосферата вкупно 100 пати поголемо количество јаглероден двооксид во споредба со вкупното количество кое го испуштаат сите вулкани на Земјата (ЕМИТЕР бр. 9/12: "Површината на арктичкиот мраз достигна рекордно намалување")?!