Рубрика: Енергетика
Најголемата соларна електроцентрала
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 09.10.2012 - 11:09

Најголемата соларна електроцентрала во светот се наоѓа во Калифорнија, во местото Blythe, блиску до границата со Аризона, 360 km источно од Лос Ангелес. Таа има моќност од 1000 MW, а проектирана е од германската фирма Solar Millennium. (За споредба, вкупната моќност на трите хидроцентали во мавровскиот хидроелектричен систем изнесува 150 MW!). За да се постигне наведената моќност од ред на големина GW, споредлива со моќноста на централа со нуклеарен реактор, употребена е технологија од типот т.н. "соларна термичка концентрација". Принципот се состои од собирање на сончевата топлина со низа од параболични огледала наредени едно до друго во редови (види на сликата во прилог), чии фокуси лежат вдолж една цевка, низ која протекува течен флуид. За достигнување на наведената моќност од 1000 MW, неопходни беа вкупно 300 000 фокусни точки лоцирани на цевката, па целата конструкција зафаќа огромен простор од вкупно 2833 хектари. Циркулирајќи низ цевката, флуидот поминува сукцесивно низ сите фокуси, во кои топлината е концентрирана на мал простор, па доаѓа до негово загревање до температура од 290 °C. На крајот на цевката флуидот се трансформира во млаз од пареа под голем притисок и дејствува на класична турбина, која е поврзана со генератор на електрична енергија. Целата конструкција е изведена во 4 дела, независни еден од друг, секој со моќност по 242 MW. Градбата на првите два дела започнала кон крајот на 2010 год., а пуштањето во работа следуваше на крајот на 2011 и почеток на 2012 год. Инвестицијата чини 6 милијарди долари, односно 4,3 милијарди евра.
Проектот Blythe е веќе шести проект од тој тип реализиран во Калифорнија, а веќе е најавен и седмиот таков проект, кој ќе има моќност од 3000 MW! Но, и оваа амбициозна програма можеби многу бргу ќе биде надмината, имено, во тек е студија за градба на соларна централа во пустината Калахари во Јужноафриканската Република, која ќе има моќност од 5000 MW! Таа ќе покрива една осмина од потребите за електроенергија во таа земја, и притоа ќе ја редуцира консумацијата на јаглен, главниот извор на енергија во таа земја, но голем загадувач на атмосферата со CO2 . Останува да се "затвори" финансиската конструкција за реализација на таа програма, која според предвидувањата ќе изнесува 21,3 милијарди долари, односно 15,3 милијарди евра.