Рубрика: Астрономија и астронаутика
Зодијачка светлина - еден ретко видлив природен феномен
Автор: Мартин Стојановски
Објавено на 03.10.2012 - 13:04

Многу малку луѓе знаат за овој природен феномен, а уште помалку го имаат и забележено. Причината за тоа е што тој многу ретко се појавува на ноќното небо.
Доколку го набљудувате небото од некоја темна локација, тоа е полно со многу интересни и понекогаш невообичаени случки: отсјајот од соларните панели на сателитите кој се појавува бавно се движи по небото, а потоа полека исчезнува; блесокот, а понекогаш и звучното ехо, предизвикан од некој метеор кој паѓа над нас; српот од комбинирана светлина од далечните сонца во нашата галаксија, кои се гледаат во Млечниот Пат. Сето тоа е само еден дел од прекрасните нешта што можете да ги видите на небото надвор од некое населено место.
Во одредени периоди од годината, неколку часа по зајдисонце или пред изгрејсонце, се појавува тенка триаголна форма над хоризонтот, што ќе ве натера да помислите дека Месечината или Сонцето ќе изгреат. Оваа појава уште од дамнешни времиња се нарекува лажна мугра... Но, всушност, се работи за нешто сосема друго.
Помеѓу Сонцето и нешто пред орбитата на Земјата се наоѓа голем облак од меѓупланетарен гас и прашина, кој претставува остаток од креирањето на Сончевиот систем. Овој меѓуѕвезден облак е многу редок - растојанието помеѓу честичките во облакот може да изнесува и 8 km. Но, иако е толку редок, тој многу убаво може да се забележи кога сончевата светлина се одбива од секој негов дел, а набљудувачот стои под исклучително темно небо во вистинскиот период од годината.
Бидејќи прашината што го создава овој феномен се наоѓа во истата рамнина како и планетите, таа се проектира на небото во истите соѕвездија по кои минуваат и планетите, па затоа се нарекува зодијачка светлина.
За нас, кои се наоѓаме на северната хемисфера, најдоброто време за да се види овој феномен е неколку часа по зајдисонце на запад, помеѓу февруари и март, или неколку часа пред изгрејсонце во октомври, на исток. За јужната хемисфера најдобар поглед се нуди при зајдисонце на запад, од август до септември, или на исток рано наутро во април.