Тесните фармерки, кои неколку сезони се ултимативен моден тренд, може да предизвикаат здравствени проблеми и кај двата пола. Додека ги носат своите омилени претесни фармерки, модните жртви го губат чувството во нозете и страдаат од мералгија парестетика, односно губење на осетот во надворешниот дел на бедрата, кој предизвикува притисок на дел од феморалните (бедрените) нерви во пределот на препоните.
Синдромот на умртвени бедра" се јавува поради постојаниот притисок на бедрените нерви, поради носење тесна, неудобна облека. Симптомите ги чувствуваат и оние кои поради работата носат тесни ремени или облека, како, на пример, полицајците, градежните работници, трудниците и жените со вишок килограми, но најмногу се забележуваат кај младата трендсетерска популација. Опасноста по здравјето се зголемува доколку тесните фармерки се носат во комбинација со високи потпетици кои придонесуваат карличниот дел на телото да оди уште понапред, šшто дополнително ја влошува целата ситуација. За среќа, лекарите велат дека умртвеноста е привремена и може целосно да се ослободите доколку престанете да носите таков вид на облека.
Втора причина поради која треба да ги одбегнуваат тесните фармерки и двата пола е поврзана со репродуктивните функции. Со носење на тесни фармерки, особено во летниот период, се создваат услови за габични и бактериски инфекции, кои тешко се лечат, а можат да имаат непроценливи последици. Исто така, тесните фармерки доведуваат до нагло намалување на бројот и квалитетот на сперматозоидите, а до нормализација на состојбата се чека со години.
Од сето ова може да се заклучи дека кога е во прашање облеката, односно тесните фармерки, предност треба да им се даде на удобноста и здравјето.