Рубрика: Медицина
Нови антибиотици
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 24.09.2012 - 11:44

Во светот, па и во Македонија, енормно е зголемена употребата на антибиотици. Ако на тоа се додадат антибиотиците што се внесуваат во човечкиот организам преку храната, доаѓаме до сознание дека постоечките антибиотици не дејствуваат како некогаш. Можеби една од причините за тоа е и таа што и бактериите мутирале и станале "супербактерии". Барајќи решение на овој проблем, американските научници дошле до следното откритие: протеини изолирани од крвта на алигатор можат да овозможат развој на нови антибиотици наменети за денешниве "супербактерии".
Познато е дека алигаторите заздравуваат мошне бргу по претрпени тешки повреди и покрај контактот со бактерии, вируси и габи, присутни во околината во која престојуваат. Ова брзо и ефикасно заздравување се должи на нивниот извонредно силен имунолошки систем. Тие се во можност да се одбранат и од бактерии со кои претходно не биле во контакт и за кои немаат антитела во крвта. Лабораториските експерименти произвеле антибиотици од протеинот на белите крвни зрнца од крвта на алигаторите, способни да се справат со многу отпорни бактерии со кои не можат да се справат денешните постоечки антибиотици. Се смета дека овие антибиотици ќе бидат во можност да се справат дури и со сидата.
Кога се во прашање нови антибиотици, еве уште едно интересно истражување: научниците од Научниот институт во Пенсилванија, во лабораторија развиле состојки со молекули многу слични на материи содржани во кожата на жаби, кои можат да ги уништат и најотпорните бактерии. Според истражувањата на повеќе Центри за контрола на болести и заштита во светот, овој пронајдок ќе биде употребен против резистентните бактерии во колективите, како што се болници, градинки, училишта, старски домови и други. Се смета дека овој "антибиотик" ќе биде употребен и за лечење на болните од СИДА, од која само во 2005 година само во САД починале 19 милиони луѓе .
Антибиотикот дејствува на протеинот внатре во самата бактерија, модифицирајќи ги рецепторите на бактериите да можат да го примат антибиотикот. Антибиотикот го носат жабите во илјадници мали џепчиња кои се наоѓаат на нивната кожа и со својата специфична техника на опстојување, ги уништуваат бактериите кои ќе ја нападнат. За жал, новиот лек ќе нè спаси од земање таблетки, но затоа кожата би ни станала целата покриена со мали џепчиња – плускавци и би биле здрави, но не би биле убави!
Сето ова е во фаза на истражување и експериментирање и конечното решение верувам ќе биде и убаво и корисно, а дотогаш бидете внимателни со земање антибиотици и не ги земајте на своја рака.