Како што деновите стануваат покуси, а ноќите подолги и постудени, лисјата на дрвјата ја менуваат бојата. Така, лисјата на јасените и тополите наликуваат на слатници, а оние на јаворот, на пример, се обоени во сите нијанси на зајдисонце: од портокалови и румени, па сè до темноцрвени дури и виолетови...
Многубројни се песните и приказните за есента, уште помногубројни се делата на сликарите за прекрасните есенски пејзажи. Затоа и не е чудно што и научниците се во потрага да ја откријат тајната на овој природен феномен.
Биологот Дејв Садерленд вели дека научното објаснување за промената на бојата на лисјата е следното: лисјата секогаш се жолти, но жолтата боја не се гледа од хлорофилот што го создаваат со фотосинтеза под дејство на сончевата светлина. Хлорофилот го храни растението и му дава енергија да расте, да цвета и да создаде плод. Значи, според него жолтата боја е секогаш присутна, но не се гледа и чека да стане видлива!
Жолтата боја на листовите потекнува од пигменти – каротиноиди. Овие пигменти се исти со оние што ги содржи морковот, а му овозможуваат на растението да ја собере намалената есенска сончева светлина. Црвените лисја, пак, содржат еден друг пигмент, антоцианин, кој е ист со пигментот што го содржат црвените плодови, како што се на пример јагодите, а овој пигмент лисјата го создаваат само на есен.
Бил Хоџ ботаничар од Државниот универзитет во Монтана, ја поддржува оваа теорија и додава дека овој пигмент го штити листот од штетните последици на ултравиолетовиот дел од сончевиот спектар за да може и понатаму, колку-толку, да си ја врши функцијата на фотосинтеза и се однесува како еден вид антиоксиданс, но многу послаб од каротиноидот кој го штити листот преку целата година. Истиот научник утврдил дека растенијата имаат поголеми и поробусни листови во предели со повеќе сончева светлина.
И, додека научниците бараат да дознаат колку што е можно повеќе, обичните смртници уживаат во убавините на есента и во делата во кои е овековечена нејзината убавина.