Рубрика: Телекомуникации
Претставен iPhone 5
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 13.09.2012 - 16:28

Тим Кук, CEO на Apple, вчера во Сан Франциско го претстави новиот iPhone 5. Презентацијата беше одржана на само стотина метри од местото каде што се одржува "ИДФ Сан Франциско 2012".
Како што и беше очекувано, iPhone 5 доаѓа со нешто поголем 4-инчен екран, а е тенок само 7,6 mm. Во срцето на уредот се наоѓа чипсет A6, за кој се тврди дека е двапати побрз од чипсетот A5 SoC кој го погонува iPhone 4S. Од другите спецификации ги издвојуваме: ретина-дисплејот со резолуција од 1136 x 640 пиксели на 326 ppi, сооднос 16:9, олеофобски финиш на екранот што го прави отпорен на отисоци од прсти, автофокус-камера од 8 мегапиксели со LED блиц, Wi-Fi со двоен опсег и AirPlay поддршка, Bluetooth 4.0, Assisted GPS со GLONASS, поддршка за аудиоформатите AAC, MP3, AAX, AAX+, AIFF, WAV и видеоформатите H.264, MP4, MOV. Уредот доаѓа со внатрешен складиштен простор од 16 GB 32 GB 64 GB, а нуди и триосна жироскопија, акцелерометар, сезор за близина, сензор за осветленост на околината во која се наоѓа уредот, и дигитален компас. Литиум-јонската батерија нуди 8 часа време за разговор или 225 часа во состојба на stand-by и користење на 3G, 10 часа при видеорепродукција и 40 часа при репродукција на музички содржини. Софтверот iOS 6 е приспособен за поддршка на поголемиот екран. Телефонот има и LTE-поддршка, а употребува nanoSIM-картичка.
Моделот ќе биде достапен во следниве нијанси: Black & Slate и White & Silver, а во продажба е најавено да се најде уште на 21-ви овој месец.