Рубрика: Медицина
Нанотехнологијата и човекот
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 06.09.2012 - 13:17

Американски научник Реј Курзвеил, кој веќе подолго време работи на истражување на нанотехнологија, тврди дека размената на генетиката и развојот на компјутерската технологија се движат со невидена брзина и дека како резултат на тоа луѓето можат да станат "бесмртни" за помалку од 20 години. Теоретски кажано, според зборовите на шеесетгодишниот научник, за помалку од 20 години повеќето од човечките органи ќе можат да бидат заменети со вештачки органи произведени во лабораторија со помош на нанотехнологија. Курзвеил со неговата теорија, наречена "Закон за забрзано враќање", тврди дека веќе се направени успешни експерименти на инсекти, а следната фаза е да се проба замената на органи со нанотехнологија и на животни.
- Јас и многу други напредни научници веруваме дека за дваесетина години ќе имаме сè што е потребно за репрограмирање на софтверот, кој ќе ги синхронизира заменетите органи. Во почетокот ќе се обидеме да го сопреме процесот на стареење, а дури потоа ќе се обидеме да го враќаме процесот на стареење наназад, се разбира, ако е потребно! Со тоа ќе се овозможи до сега најпосакуваното нешто во сите цивилизации на човештвото, а тоа е бесмртност - изјавил Реј Курзвеил.
- Со овој проект, кој сега-засега звучи како научна фантастика, не само што ќе се сопре процесот на стареење, туку и ќе се подобри и физичката способност на луѓето. Кога ќе се создадат таканаречените "нанооргани" и "нанороботи" што ќе ги заменат нашите крвни клетки и ткива, па така сè во човечкиот организам ќе се одвива 1000 пати побргу, што значи дека, на пример, во иднина сите ќе можат бргу да трчаат 15 минути без да се задишат и да чувствуваат замор, или, пак, ќе можат да бидат под вода и до еден час без кислород - објаснил Курзвеил.
Во проектот на Реј се објаснува дека значително ќе се намалат болестите. Интересна е примената на наночестички од железен оксид кои се применуваат за лечење на тумори и карцином. Со помошта на апарат, кој е познат под називот MACH, наночестичките се закачуваат на антителата кои се борат со болеста и се загреваат на температура од 41 до 42 степени. На тој начин се уништуваат само болните клетки, а здравите останиваат неоштетени. Со време ќе се зголемуваат и менталните способности. Па така, со зголемената ментална способност и со побрзата работа на мозокот луѓето ќе можат да напишат роман за неколку минути! Иако сега звучи невозможно и чудно, според Реј, од оваа технологија која ќе доминира во иднина секој ќе има придобивки, а доколку нешто не ни е јасно ќе се појавуваат холограми што ќе ни помагаат во различни непознати околности.
Значи, новата нанотехнологија и нејзината примена, научниците тврдат дека ќе придонесе да бидеме поздрави, со подобрени моторни и ментални способности. За почеток е доволно, а она да станеме бесмртни, според мене уште долги години ќе го гледаме само на филм!