Рубрика: Енергетика
Соларна електрана на гробишта
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 30.08.2012 - 10:30

Градското собрание на шпанскиот град Санта Колома де Граманет одлучило да постави соларни колектори на градските гробишта. Првпат кога ова било предложено, пратениците веднаш го одбиле предлогот, а три години подоцна го прифатиле и сега на гробиштата има 462 соларни панели, што претставува вистинска соларна централа.

Вишокот од енергија кој преостанува од потребите на гробиштата се продава и тој ги подмирува потребите на околу 60 домаќинства. Така, градот Санта Колома е прв и единствен град во светот кој на своите гробишта има соларна електрана. Соларните колектори се инсталирани на покриви над гробниците и мавзолеите и произведуваат околу 100 киловати енергија, Имајќи предвид дека вообичаено сите гробишта се градат на локации изложени на сонце, ова би можело да се применува на глобално ниво.

Иако локацијата на оваа електрана е една од најнеобичните, треба да се има предвид дека искористувањето на сончевата енергија во Шпанија е на мошне завидно ниво. Па така, две огромни шпански соларни електрани веќе одамна го снабдуваат со електрична енергија населението од Севиља. Дополнителна занимливост е тоа што една од нив две дење "собира" енергија, ја складира, а ноќе ја пушта во електроенергетскиот систем. Имено, соларната електрана Гемасолар во Севиља е од типот на кула за соларна енергија и користи концепти кои беа пионерски во демонстративните проекти Solar One и Solar Two. Електраната се состои од 2650 големи огледала како колектори за собирање на концентрирана сончева енергија и произведуваат 19,5 мегавати електрична енергија, а користи стопена сол како течност за пренос на топлина и медиум за складирање на енергијата.

Ова е доказ за скептиците дека соларните електрани даваат струја и ноќе, а не само додека грее сонце!

Клучни зборови: